Интелектуалците за кои новите револуционери сега бараат да бидат демисионирани беа производ на последната културна револуција. Луѓето како Чомски, Глорија Стеинем па и Пилкингтон доаѓаат од ерата на либералните 60-ти години кои со децении го обликуваа академскиот свет и поп-културата. Овие луѓе беа одгледани на бит-поезијата, анти-воените маршеви, Џими Хендрикс и филмови како Дипломецот.
Ова нова интелектуална класа порасна во време кога сила добиваа жените, гејеви и лезбејки, црни и кафеави луѓе, но и човечкиот дух, воопшто. Во вревата на 60-тите се обелодени јасната врска меѓу глупавите конвенции кои ги држеа жените во кујна а хомосексуалците во криење и академската ортодоксност која се обидуваше да спречи истражувања на луѓе како доктор Алфред Кинсли кои сакаа да обелоденуваат секакви вистини, од онаа за женскиот оргазам па до бисексуалноста. Доктор Бенџамин Спок стана познат по тоа што им порачуваше на „добрите мајки и татковци“ да го прават тоа што инстинктивно го чувствуваат и да ги баталат официјалните педагошки книги дека дете не треба многу да се бацува и гушка.
Беа забранувани многу работи, од „Ловец во р'жта“ до Били Холидеј и нејзината Strange fruit. Основниот принцип на таа револуција која ја освои Америка и западниот свет беше дека откако ќе го победиме незнаењето, ќе бидеме слободни да ја славиме нашата заедничка човечност.
Затоа не чуди што еден ваков принцип произведе фасцинантна култура: од џезот и рокот до апстрактното сликарство и гонзо новинарството, сите овие форми цветаа од експолодирање на конвенциите. Имаше симболизам во тоа што на луѓе со различни бекграунд им беа смешни забранетите вицови на Ричард Прајор (истовремено, и во Советскиот сојуз пукаа прангите па дисиденти ширеа самиздат копии од „Мајсторот и Маргарита“). Постоеше еден универзален порив кон мир, љубов, простување и хумор кој ги обединуваше луѓето. Никој не требаше со камшик да ги тера луѓето да ги прифатат овие пораки. Луѓето беа гладни за нив и затоа идејата остана доминантна половина век после Виетнам и Вудсток.
Сосема обратно е денес. Во 60-тите години либералите имаа способност да ја „шитнат“ својата идеја преку музика, па дури и реакционерите не можеа да одолеат. „Разбудената култура“ го прави токму спротивното. Таа го троши најголемиот дел од нејзиното време конструирајќи непробоен речник на опресија, истурајќи го својот гнев врз лумпен-пролетеријатот, кој или не го разбира (тој јазик) или не го сака.
Друга главна карактеристика е комплетниот недостаток на чувство за хумор, проследен со еден невиден ентузијазам за душкање по прикриени непријатели и скелети во плакарот, една невидена желба за денунцирање и кодошење, страв од метафори („woke“ културата е 100% буквална), манија за колективистичко „гадење“ и пуританска недоверба во секое „прцање“ во аполитички контекст.
„Разбудената“ верзија на еротика е во Гардијан да се напише како „еректираните небодери се симбол на цис-нормативната доминантност“. Во споредба со нив, црковен подмладок изгледа како Лед Цепелин.
Прашањето не е дали постои „културата на укинување“. Прашањето е, без тоа укинување, на што се сведува таа култура?