Некои луѓе имаат лични фитнес тренери, некои имаат дволични духовни гуруа. Јас ја имам кујната. Тоа е мојата исповедалница, лабораторија и последна линија на отпор против вестите од земјата и светот. Тврдина, од Меша Селимовиќ. Таму вежбам и кардио и тахикардио.
Како новоизбран носител на листата советници на највкусната партија „Храна за возрасни - Народна“, должност ми е да споделам неколку совети за ултимативно преживување во домашна кујна. Никогаш не сум работел у професионална кујна, па затоа тие совети ќе им ги отстапам на професионалците. Ова се совети за професионалните аматери.
Па, еве петнаесет комада од човек што има прегорено преку 20 тави.
1. Купувај зачини во мали количини. Старите и бајати зачини можат само да ти ја уништат храната со непотребна киселост.
2. Кујнски термометар. Мишелински прецизна егзекуција за ич пари.
3. Ако нешто загори, не го мешај веднаш. Тргни го садот од оган и остави го да здивне. Мешањето само ќе ја рашири катастрофата.
4. Кога пржиш нешто, не го движи постојано. Храната треба да направи коричка, тврд слој, не да вози „ѕид смрти“ по ѕидовите од садот.
5. Не ги користи истите даски за месо и зеленчук. Ако не сакаш салатата да има вкус на живо пиле. А не сакаш, верувај ми.
6. Ако рецептот бара вино, користи такво што би го пиел. Ако не би го ставил во уста (упс!), не го ставај ни во тенџере.
7. Исчисти го шпоретот веднаш по готвење. Не затоа шо има посебна магија во тоа, туку затоа што после или утре ќе те мрзи двојно повеќе. Не ме прашувај од каде знам.
8. Држи го ножот остар. Тап нож е поопасен од остар. Не само поради прстите - туку поради нервите. Ако немаш специјална острилка, обрни тањир и стругај по рабовите.
9. Ако не знаеш што да направиш со остатоци, направи чорба. Врелата вода простува сè. Не фрлај храна.
10. Излади ги сварените јајца во ладна вода. Ќе се лупат лесно, без да ви остане пола јајце залепено на лушпата.
11. Кромидот сечи го со влажен нож. Моје сузе падају на горе - Цвета Величковиќ
12. Никогаш не готви со слушалки. Слушај ги звуците на тавата. Тоа е единствената искрена повратна информација што ќе ја добиваш од храната.
13. Ако фрижидерот мириса чудно, исчисти го со сода бикарбона. Не знам шо е хемиската позадина, баба ми ми ја кажа оваа финта.
14. Купувај добра сол и добро масло. Со сè друго можеш да импровизираш. Овие две се темелот на секој рецепт.
15. Натопена кујнска хартија под даската за сечење за статика. Пола здравје!
Ова не се совети од профи кувар, туку од човек за кој храната не е само телесно гориво, туку и терапија. Ако не уживаш додека ја спремаш, како би уживал додека ја јадеш?
Уживај!
Кирил Стоименов - ме знаеш