Минатата година ова време пишувавме за историјата на божикниот колач, панетоне. „Панетоновидението“ оваа година во Скопје се случи на почетокот на месецот, кога почнаа да се разменуваат традиционалните кодирани пораки („Стигна она на П!“), придружени со имиња на продавниците каде биле забележани поголеми количества. Љубопитните погледи на оние на каса се придружени со коментари од оние похрабрите: „А ова за ресторан ви е?“. „Ш’о, на попуст се?“. „Ее ја каков милиброд правам, нема да земам купечки“.
Сепак, и покрај сета нежна приврзаност кон слатката купола тесто со кандирано овошје, не сме знаеле дека едно од најдобрите места на изработка во домицилната татковина му е - затвор. Пекарата се вика Ѓото и е дел од КПЗ „Дуе Палаци“ во Падова, каде се сместени над 500 затвореници. Освен панетониња кои се прават исклучиво за Божик, ова е и дом на вкусни чоколадни пралини, бисквити, сладолед и велигденски „коломби“ („гулабица“, поради формата на колачот). Производите потоа се продаваат онлајн и во две продавници во Падова.
Во репортажа објавена на Вајс се опишува историјата на оваа пекара која е отворена во 2005, а била замислена како можност за работна терапија на затворениците. Некои од нив работат тука, други во медицински повикувачки центар или пак изработуваат куфери.
Но да се ракува со брашно и путер се смета за многу сериозна работа, па процесот на селекција вклучува и психолози и социјални работници, кои проценуваат за каков табиет на затвореникот станува збор, ја земаат предвид должината на неговата казна и дали кога бил „надвор“ се занимавал со подготовка на храна.
Ако бидат избрани, затворениците си добиваат регуларни надници, кои им се испраќаат на семејствата. Смените траат по четири часа а ги има три дневно, за да можат да бидат опфатени што е можно повеќе затвореници. Со нив работат четири професионални готвачи чија специјалност се пецивата.
Во минатото купувачите имале предрасуди кон храна подготвена од затвореници. Раководителите на пекарата раскажуваат за случаи кога на саеми, откако ќе сфателе од каде доаѓа храната којашто само што ја мезнале, луѓе ја плукале по подот од што им се згрозувало. Но сега компании и поединци масовно нарачуваат божикни пакети за сите вработени. Ова дава можност пекарата да се прошири и да најми уште повеќе луѓе.
Секако, тука важат куп правила, а најважна е забраната за консумирање алкохол. Поради ова квасецот мора да се доставува лично до готвачите, за да не му текне на некој затвореник да го ферментира, на пример со јаболка, и да си направи нешто слично на пиво.
Голем дел од затворениците во Ѓото доаѓаат од таканаречениот „заштитен“ оддел на затворот, кој е за оние кои не можат да бидат интегрирани со генералната затворска популација поради безбедносни причини. Тоа се главно луѓе затворени за сексуални кривични дела, поранешни полицајци и „мафиози“ кои соработувале со полицијата. Единствено тука, во пекарата, тие можат да се дружат и меѓусебно, и со останатите.