Како што наближува католички Божик, така љубителите на панетоне со нетрпение го очекуваат неговото пристигнување по нашите продавници, кое се објавува како радосна вест („панетоновидение“), со придружна фотографија oд обезбедениот куп. Залихата, која според рокот на пакувањето може да трае до јуни, најчесто не издржува ни еден месец. Како што оригиналниот италијански колач специфичен само за Божик го снемува во продажба, така друштвото на негови македонски љубители почнува да „лицитира“, како кога се менувавме со сликички. Едно Панетоне може да вреди, на пример, колку разменета книга или пола литро домашен сок од бозел.
Извор на национална гордост, ова колаче од 2005, заедно со стотина други видови храна е во процес на формална автентикација како дел од италијанската традиција. Но и без тоа правилата за правење на деликатесот се строги: за да биде „автентично“, панетонето мора да се состои од не помалку од 20% кандирано овошје, 16% путер и јајца кои имаат најмалку 4% жолчка. Сè под ова е, со зборовите на наш другар, „Панетоне од Али експрес“.
Непишано правило е и тоа дека колачето го има само околу Божик, а ова се должи на фактот што во минатото состојките за негово правење биле ретки и скапи. Оттаму, можеле да си го дозволат само богатите и тоа за голем празник како Божик. Иако денес состојките не се проблем, да произведуваш и да јадеш Панетоне вон зимската сезона и за слаткарите и за љубителите е непојмливо.
Најстарите референци на нешто слично на сладок леб датира од стар Рим, колаче со мед, семки од калинка и бор и суво грозје. Денешното панетоне е резултат на експериментирање низ вековите со рецептот, кој е официјално запишан во 18 век од страна на Пјетро Вери, под името „Пане ди Тони“ или „Лебот на Тони“. Кој бил тој Тони не е сосема јасно, но една легенда вели дека во тек на божикен ручек кај миланскиот војвода Лудовик готвачот го прегорел планираниот колач. Еден од чираците, извесен Тони, предложил да искористат сладок леб кој тој го направил за себе утрото. Гостите на војводата биле воодушевени и следниот Божик и самите имале ваков колач на трпезите.
Втора легенда е љубовна и вели дека некој благородник, Угето Атејани, се заљубил во Адалгиса, ќерка на сиромашен пекар по име Тони. За да ѝ привлече внимание се преправил во пекар, се вработил кај таткото и го измислил богатиот леб со брашно, квасец, јајца, путер, суво грозје и кандиран лимон и портокал. Тој станал толку популарен што семејството на пекарот се збогатило. Војводата на Милано, Лудовико Сфорца, така можел да се согласи на бракот помеѓу аристократ и припадничка на пониската класа (сега збогатена), а на свадбата помеѓу сватовите бил дури и Леонардо да Винчи.
Сепак, поширока популарност колачот стекнал по 1919, кога пекар по име Анџело Мота почнал да го произведува панетонето од овој бренд. Го збогатил традиционалниот рецепт со тоа што оставал тестото да порасне три пати (во тек на 20 часа) пред печење. Ова на колачот му ја дава познатата мекост и формата на купола. Кога Нестле ги откупила двата главни италијански бренда за производство на панетоне, италијанските слаткари се избезумиле, па во 2009 Баули, компанија од Верона, ги откупила назад Мота и Алемања од Нестле.
Италија произведува 117 милиони панетоне и пандоро („златен“ колач, исто така правен на Божик но без суво овошје), вредни скоро 600 милиони евра. Иако има куп благи лебови низ светот - руската бабка, грчкото цуреки, данскиот керстстол, нашиот велигденски козинак, панетонево сепак има посебен шмек.