Љубовната композиција од филмот има доживеано повеќе верзии, но тука ви пренесуваме три од нив, и тоа со една цел - да видите каква разлика во доживувањето и атмосферата прави тоа кој инструмент се користи за една иста тема. Во случајов тоа се пијаното на Мориконе, гитарата и контрабасот на Метени и Хeјдн, и виолината на Ицак Перлман.
Верзијата на Метени и Хејдн, заедно со „кавер" на главната тема од филмот, се наоѓа на еден од нашите омилени џез албуми, „Над небото на Мисури: кратки приказни" од 1997, прв албум на овие двајца музичари снимен како кулминација на нивното 25 годишно пријателство, кој доби и Греми за најдобра џез инструментална изведба.
И сето ова инспирирано од вест којашто ја видовме на Ројтерс, за Антонио Фелицијано, 75 годишен кино оператор, кој со неговото патувачко кино ја има поминато цела Португалија - за шест децении 4 милиони километри и 4,000 проектирани филмови. И тој, исто како и Тото, момчето кое се спријателува со кинооператорот Алфредо во италијанскиот филм, почнал да се занимава со занаетот помагајќи му на едно такво, патувачко кино да ги обзнанува филмовите минувајќи низ градовите и селата. Го замисливме како магепсано гледа во подвижните слики, додека во позадина одат овие композиции.
Љубовната песна oд филмот (оригиналот на Мориконе)
Верзијата на Метени/Хејдн
Ицак Перлман (од албумот Cinema Serenade од 1997)