Во речиси сите филмови со Мет Дејмон тој се обидува да се врати дома

Фановите забележале една интересна и помалку комична шема во филмската кариера на Мет Дејмон - без разлика дали станува збор за војна, вселена или митологија, неговите ликови речиси секогаш се обидуваат да се вратат дома. Ќе се врати ли конечно со „Одисеја“?

Од „Спасувајќи го војникот Рајан“, преку „Интерстелар“, „Елисиум“ и „Марсовецот“, па сè до новиот филм „Одисеја“ на Кристофер Нолан – приказната во која Мет Дејмон ја игра главната улога е речиси иста: лик што е заглавен некаде и очајно сака да се врати дома.

Оваа повторлива тема дури доби и неформално име меѓу публиката - филмски универзум на „Доаѓање дома“. Шегата оди дотаму што некои фанови пресметале колку би чинело неговото „спасување“ во сите тие филмови, и дошле до сума од речиси трилион долари. 

Во секој од овие филмови, ситуацијата е различна, но суштината е иста. Во „Спасувајќи го војникот Рајан“ тој е заглавен зад непријателски линии во Втората светска војна. Во „Интерстелар“ е изолиран на далечна планета. Во „Елисиум“ се бори да избега од распадната Земја. Во „Марсовецот“ останува сам на црвената планета. А сега, во „Одисејата“, се соочува со богови и чудовишта само за да се врати кај сопругата на Итака.

Новиот филм на Нолан го носи овој мотив на митолошко ниво. Трејлерот открива визуелно импресивен свет со големи битки, киклопи и фантастични елементи, додека приказната се развива нелинеарно – нешто што е типично за режисерот. Со буџет од околу 250 милиони долари и снимање целосно со IMAX камери, „Одисејата“ е еден од најамбициозните проекти на Нолан. Тоа само ја засилува зафрканцијата: секој нов обид „да се врати дома“ за Демон станува сè поскап, поголем и поспектакуларен.

Меѓутоа, она што фановите го забележуваат како шега, всушност има многу подлабока наративна логика. Тоа не е само случајност во изборот на улоги, туку повторување на една од најстарите приказни во човечката култура: патувањето на херојот.

Во класикот „Херојот со илјада лица“, Џозеф Кембл ја опишува т.н. „мономитска“ структура - приказна во која херојот заминува од познатиот свет, поминува низ низа искушенија и на крајот се враќа дома, променет. Токму овој последен дел (враќањето) е клучен. Не е доволно херојот да преживее; тој мора да се врати и да донесе некакво знаење, искуство или трансформација.

Токму тука шегата со „враќањето дома“ добива поинаква димензија. Наместо да биде само интернет-мем, таа всушност ја открива повторливоста на една длабока наративна матрица. Холивуд, свесно или не, постојано се враќа на истата структура затоа што таа функционира. Публиката интуитивно ја препознава - чувството на изгубеност, борбата и конечно надежта за враќање. Затоа, кога ќе се каже дека Мет Дејмон „постојано се обидува да се врати дома“, тоа може да се чита и како симболичка константа: неговите улоги репродуцираат една од најосновните човечки приказни. Од антички митови до современ блокбастер, патувањето можеби се менува, но потребата за враќање останува иста.

6 мај 2026 - 16:41