Бакали во Франција беше осуден на 30 години затвор поради улогата во терористичките напади во Париз и северното предградие Сен Дени на 13 ноември 2015 година, во кој беа убиени 132 луѓе, а повеќе од 400 беа ранети. Мароканецот со белгиско државјанство бил логистички организатор на терористичката група.
Обвинителите барале доживотен затвор. Го опишале како „движечка сила на ќелијата“. Го организирал трансферот на 12-те џихадисти од Сирија, им обезбедил станови, засолништа, лажни документи и превоз во Париз.
Тој во Франција беше осуден на уште 25 години затвор поради улогата на координатор во неуспешниот напад врз супербрз воз TGV во август 2015 година. Во 2022 година казните му биле споени во единствена од 30 години затвор и во 2023 година било дозволило да ги отслужи во Белгија, врз основа на клаузула за автоматско префрлање во матичната земја. Бил префрлен во затворот Итре кај Брисел, една од двете институции во Белгија опремена со специјално крило за лица осудени за тероризам.
Во пресудата за случајот на нападот врз Париз било наведено дека Бакали не може да биде пуштен ни на условна слобода додека не отслужи најмалку две третини од казната. Во Белгија тоа не важи. Белгиското законодавство го третира Бакали како секој друг затвореник и му овозможува условно ослободување кога ќе отслужи една третина од казната.

Судот за спроведување на казните во изминатата година му дал пет одобрувања за привремено пуштање од затвор од по 12 часа. Во секој од овие случаи, Јавното обвинителство објавило негативно мислење, но тоа нема право на жалба против одлуката.
Судот пред две недели му одобрил уште шест отсуства во траење од по 36 часа, овозможувајќи му да преспие надвор од ќелијата кај роднини. Во објаснувањето е наведено дека „Бакали ќе може да ја поправи врската со општеството“ и дека „нема причина за загриженост дека ќе ги малтретира жртвите“. Затвореникот ги користел отпустите за да присуствува на интервјуа за работа и да продолжи со психосоцијално советување.
Бакали во притвор имал силно чувство на вина и изразил жалење поради тоа што не ги пријавил своите соучесници кога знаел дека се планираат напади... Покажал примерно однесување во затворот и учествувал на состаноци со жртвите од нападите, се забележува во судската одлука.
Тоа е прелиминарен чекор кон евентуално условно ослободување со електронско следење. Рочиштето е закажано за во септември. Според извор на „Ле Монд“ близок до случајот, Бакали веќе ги исполнува критериумите за ослободување со електронско следење. Според белгиското законодавство, Бакали всушност би добил право на еднодневен отпуст во Белгија од февруари 2022 година - речиси една година пред неговиот трансфер од Франција. Тој, исто така, има право на отпуст од затвор под електронски надзор од август 2023 година, а за условна слобода од февруари 2024 година.
Ова е како лош сон. Суверената одлука на француските судии наскоро би можела да стане бесмислена. Ова е шлаканица за француската правда и за жртвите. Идните џихадисти нема да се двоумат да ја искористат ваквата наивност, изјави француски судија за „Ле Монд“.

Гневна е и јавноста во Белгија. Бакали бил соучесник и на браќата Ел Бакрауи, кои се разнесоа со бомби на аеродромот во Брисел и на метро станицата Мелбек во 2016 година. Му го изнајмил станот на организаторот на нападите, но не учествувал директно, затоа што веќе бил во притвор за време на последната фаза од подготовката. Во април 2023 година, кога се појави како обичен сведок на судењето за нападите во Брисел, изјави дека поради страв од одмазда кон најблиските не ја открил адресата на терористичката ќелија.
Тој беше еден од ретките што можеа да ги спречат нападите во Брисел, ако им ги дадеше адресите на властите. Тој избра да остане нивен соучесник до самиот крај, изјави францускиот судија.