Од Шекспир до Хари Потер: очилата како културен симбол

Очилата одамна не се само помагало за подобар вид. Тие се дел од идентитетот, стереотипен симбол на интелигенција, ранливост, старост или авторитет, а понекогаш и предмет на предрасуди. Нова книга истражува како едно мало оптичко помагало успеало длабоко да влијае врз културата, книжевноста и начинот на кој се гледаме себеси и другите.

„Светот со четири очи: како наочарите го променија начинот на кој гледаме“ (април 2026) се занимава со едно навидум обично, но длабоко влијателно човечко помагало – очилата. Авторот Дејвид Кинг Данавеј истражува како очилата не само што ни го менуваат видот, туку и начинот на кој ги доживуваме луѓето, технологијата и културата.

Текстот започнува со замисла за блиска иднина во која паметните очила би можеле веднаш да препознаваат лица и да ни кажуваат кој стои пред нас – писател, научник, добитник на Нобелова награда (или на Златна бубамара). Денес таквата технологија сè уште не е целосно развиена, но современите „смарт“ очила веќе можат да даваат информации за светот што го гледаме. Авторот наведува и практични примери: хирурзи што пренесуваат операции во живо за студенти, луѓе со Алцхајмерова болест што добиваат насоки за враќање дома или скијачи што следат податоци за брзина и висина додека се движат.

Но книгата не е само за технологија. Таа се занимава и со симболиката на очилата во културата. Иако огромен дел од луѓето носат очила, многумина и понатаму се чувствуваат непријатно да бидат видени со нив. Политичари, особено американски претседатели, ретко се фотографираат со очила, бидејќи тие често се поврзуваат со слабост, старост или интелектуалност.

Авторот особено добро ја анализира улогата на очилата во книжевноста и филмот. Во делата на Шекспир очилата понекогаш се претставени потсмешливо, како симбол на тага или старост. Џонатан Свифт во „Гуливеровите патувања“ ги опишал како вид заштита и интелектуален симбол. А во современата поп-култура, Џ. К. Роулинг преку очилата на Хари Потер го прикажува ликот како истовремено паметен и ранлив.

Книгата се осврнува и на растечкиот проблем со кратковидоста кај младите, што авторот го поврзува со долгото време поминато пред екрани и со недоволниот престој на отворено. Денес многу училишта намерно ги поттикнуваат децата да поминуваат повеќе време надвор токму поради овој проблем.

И покрај извесни недостатоци (се замерува на некоректни историски детали), книгата успева да отвори интересно прашање: дали очилата се само алатка за подобар вид или и нешто многу повеќе? Авторот дури самиот се обидел една недела да живее без очила. Иако животот му станал потежок, тој почувствувал дека светот околу него станал поинтензивен – боите поживи, а сетилата поостри.

На крајот, книгата покажува дека очилата не се само медицински предмет. Тие се културен симбол, дел од нашиот идентитет и уште еден пример за тоа како технологијата постепено станува продолжение на човечкото тело и перцепција.

9 мај 2026 - 09:02