„Тука лежи телото на Џонатан Свифт“ - најголемиот епитаф во историјата или порака до непријателот?

Во својот тестамент од 3 мај 1740, пет години пред да почине на возраст од 78 години, Свифт на латински си го напишал епитафот. Тој гласел: „Тука почива телото на Џонатан Свифт, каде дивјачката огорченост нема веќе да му го ранува срцето. Ајде патниче, имитирај го, ако можеш, овој силен бранител на слободата“. Денес текстот стои на натпис на мермерна плоча во катедралата Св. Патрик во Даблин. 

Во 2018 година, професорот по право Дејвид Кени и познавач на делото на Свифт влегол во ова здание и се задржал пред епитафот. Натписот со децении се толкувал како сериозна и возвишена порака за слободата, достоинството и гневот против неправдата. Поетот Јеитс дури го нарекол „најголемиот епитаф во историјата“.

Но Кени почувствувал дека нешто не е во ред. Свифт, авторот на „Гуливеровите патувања“, никогаш не бил писател што зборува сосема директно и искрено. Неговите текстови речиси секогаш содржеле иронија, двојни значења и скриени шеги. Затоа му било чудно што епитафот се толкува како целосно сериозен и херојски текст. Од тој момент започнала неговата повеќегодишна опсесија: дали последната порака на Свифт всушност била уште една сатира?

Кени почнал длабоко да го истражува животот и делото на Свифт. Читал биографии, писма, критики, па дури и научни списанија за надгробни натписи. Особено внимание му привлекла поемата „Стихови за смртта на доктор Свифт“, во која авторот иронично пишува за сопствената смрт и за тоа како луѓето ќе го паметат. Многумина ја сфатиле поемата буквално и мислеле дека Свифт е суетен, но подоцнежните толкувачи покажале дека тој всушност се исмејувал и себеси и човечката потреба за славно паметење. Тогаш Кени почнал да се сомнева дека истото можеби се случило и со епитафот.

Клучниот момент дошол кога повторно го прочитал тестаментот на Свифт. Таму писателот многу прецизно барал неговиот надгробен натпис да биде поставен до споменикот на Нарцисус Марш, човек што Свифт длабоко го презирал. Марш бил влијателен црковен великодостојник кого Свифт го сметал за безличен, суетен и преценет. Неговиот споменик бил огромен, преполн со пофалби и титули (баш како за еден „нарцис“).

Тука Кени сфатил нешто важно: можеби Свифт намерно сакал неговиот едноставен, црн мермерен епитаф да стои покрај претенциозниот бел споменик на Марш - како последна постхумна шега и сатира на суетата. Наместо само возвишен текст за слободата, епитафот можеби бил и внимателно режирана визуелна шега против стар непријател.

Подоцна Кени открил дека двата споменици навистина некогаш стоеле еден до друг, но при реконструкцијата на катедралата во 19 век биле разделени. Со тоа, според него, случајно била уништена последната шега на Свифт. Неговата теорија на почетокот звучела како необична литературна детективска приказна, но кога ја споделил со водечки експерти за Свифт, тие не ја отфрлиле. Напротив, познатиот биограф Лео Дамрош изјавил дека идејата е „целосно убедлива“ и совршено одговара на карактерот на Свифт, кој обожувал местенки, иронија и интелигентни провокации.

На крајот, оваа приказна не е само за еден надгробен натпис. Таа покажува колку делото на Свифт и денес останува живо, двосмислено и отворено за нови читања. Дури и по речиси три века, неговите текстови – а можеби и неговиот гроб – сè уште кријат шеги што не се до крај разбрани.

7 мај 2026 - 09:14