Една од најголемите и најнаселените урбани области во светот, со површина од околу 7.800 квадратни километри, Мексико Сити е изграден врз исушено корито на древно езеро. Повеќето главни улици во центарот на градот се изградени врз некогашни канали.
Тонењето на Мексико Сити почнало пред повеќе од еден век, поради обемното пумпање на подземните води и урбаниот развој. Метрополитенската катедрала, чија изградба почнала во 1573 година, и многу од постарите згради веќе се видливо навалени.
Мексиканските власти со децении го игнорираа проблемот, освен што ги зајакнаа темелите на катедралата и на други споменици, но по неодамнешните ескалации на кризата со водата, финансираат повеќе истражувања.

Тоа е многу голем проблем. Тонењето ја оштетува критичната инфраструктура, како метрото, системот за канализација, водоводната мрежа и улиците, вели Енрике Кабрал, истражувач по геофизика на Националниот автономен универзитет.
Тој објаснува дека за помалку од еден век нивото на градот се спуштило за 12 метри, односно просечно за по околу 24 сантиметри годишно – колку што покажаа новите снимки од НАСА.
Проценките на вселенската агенција се базираат на мерења направени помеѓу октомври 2025 и јануари 2026 година од моќниот сателит NISAR, кој може во реално време да ги следи промените на површината на Земјата. Во некои критични делови од градот – како главниот аеродром и споменикот Ангел на независноста, е забележано тонење со просечна стапка од 2 сантиметри месечно.
Научникот Пол Розен објаснува дека анализи на снимките од NISAR покажуваат што се случува не само на површината, туку и под неа. Тоа може да се користи за зајакнување на системите за предупредување и тревога во низа случаи, како на пример вулкански активности што укажуваат на можна ерупција.

Во случајот на Мексико Сити, НАСА со тек на времето ќе може да го насочи фокусот кон специфични области и да добива точни мерења за секој објект посебно.
Врз основа на сателитски снимки лани беше откриено дека под притисок од урбанизацијата и сушите тонат 28-те најнаселени градови во САД, во кои живеат речиси 34 милиони луѓе, вклучувајќи ги Њујорк, Чикаго, Далас, Детроит, Денвер, Индијанаполис и Шарлот. Тонењето на овие градови, сепак, е неспоредливо со она на Мексико Сити и не претставува закана за жителите. Најбрзо се спушта нивото на Хјустон – за по околу 5 милиметри годишно.