„Сникерс“ го знаеме како чоколатце од компанијата Марс, иако во последно време името станува генеричко, на пример за здрави бомбици и барови кои содржат кикирики и чоколадо.
Приказната за брендот започнува со семејството Марс, основачите на огромната слаткарска империја што подоцна ќе ги создаде и M&M, Твикс и други легендарни производи. Френклин Кларенс Марс во почетокот на 20 век започнал да произведува бонбони и чоколади, а вистинскиот пробив дошол во 1923 година со чоколатцето Милки веј. Неговиот син, Форест Марс Сениор, подоцна ја проширил компанијата и ја претворил во глобален бренд.
Но семејството Марс немало само љубов кон чоколадото. Тие биле и големи вљубеници во коњите. Кон крајот на 1920-тите создале огромен имот наречен Милки веј фарм во американската држава Тенеси – фарма за одгледување и тренирање тркачки коњи. Таму живеел и нивниот омилен коњ: Сникерс.
Коњот бил чистокрвен и многу сакан од семејството. Не бил само дел од фармата, туку вистински симбол на нивната страст кон коњаништвото. Во 1930-тата, кога требало да стават име на новото чоколатце, тие решиле да му оддадат почит токму на својот коњ (кој според некои верзии тогаш ненадејно умрел). Така настанал Сникерс.
Чоколатцето се појавило во време на Големата депресија во САД, период кога луѓето барале евтини и утешни мали задоволства. Комбинацијата од карамела, кикирики, нугат и млечно чоколадо брзо го направила огромен хит. Со текот на времето, Сникерс станал едно од најпродаваните чоколатца во светот, а неговите реклами и слогани - особено познатото „Не си ти кога си гладен“ - дополнително го претвориле во поп-културен симбол. Самата фарма Милки веј сè уште постои како историски локалитет и потсетник на необичната врска меѓу светот на коњите и индустријата за слатки.