Ја сакаше оваа, во изведба на Никола Бадев.
**********
НИКАКО
на Циги
Како да го сменам начинот
на живот, да се вратам во форма?
Да не дремам дома за празници,
за викенди да освојувам вилаети.
Да ѝ брцнам в око на Солунска Глава.
Езерото да го испијам со поглед, а да
го препливам со мускулите на мислите.
Ладното море да го поздравам со ножните прсти
и да си ги повлечам како пред нечија
дланка што не заслужува допир.
Да не го измачувам креветот,
на меаните да им речам: фајронт!
Морам да си набавам велосипед,
евтин билет за некој инаков свет.
Орбитрекот да го ослободам од облека,
да си купам патики за трчање
(макар и не мрднале од место).
Морам нешто да преземам.
Во спротивно, ќе останам заринкан дома
и ќе треба да пишувам поезија –
а ќе се сложите, нема ништо
позабегано од тоа.
Јовица Ивановски
03.05.2015
**********
Неговиот другар Цветан Враживирски, на Циги - кого тој го викаше Благоје - му ја посвети оваа песна од Елијар:
ВЛАТКО ЦИГИ
на Благоје
Умре човекот кој за одбрана немаше освен своите раце отворени кон животот.
Умре човекот кој немаше друг пат
освен оној каде се мразат пушките.
Човек еден умре кој ја продолжува борбата
против смртта против заборавот
зашто сè што тој сакаше
и ние истото го сакавме
и ние тоа и денес го сакаме
среќата да биде светлост
на дното од очите на дното од срцето
и правда на земјата.
Има зборови кои даваат живот
и тоа се невини зборови
зборот топлина зборот доверба
љубов правда и зборот слобода
и зборот дете
и има некои имиња на цвеќа
и некои имиња на овошки
и зборот храброст и зборот откритие
и зборот брат и зборот другар
и има некои имиња на краишта и села
и некои имиња на жени и пријатели
и да им додадеме и Влатко
Влатко умре за она што ни дава живот
да му кажеме ТИ
градите му се изрешетани
но благодарејќи му нему ние се познаваме подобро
да си кажеме еден на друг Ти
неговата надеж е жива.
Пол Елијар
********
Во спарните приквечерини на Нерези, го теравме Циги да ни ја свири оваа:
**********
Збогум Циги, сега си поблиску до сонцето.
држи се ведро,
Трендо