Мажите не плачат?

Западната социјална конвенција за тоа дека солзите и машкоста не одат заедно се проширила на исток во комплет со колонијализмот и империјализмот. Парадоксално, притоа станала алатка против истиот тој колонијализам.

Во септември 2022, Роџер Федерер ја заврши својата професионална кариера играјќи во дубл со Рафаел Надал, инаку негов голем конкурент. По завршувањето на мечот, двајцата си седнаа еден крај друг и почнаа да си цмиздрат. Вака барем го оценија нивното однесување илјадниците твитови и коментари, кои во најмала рака беа зачудени, ако не и скандализирани од ваквото не-машко однесување.

Иако потеклото на стигмата поврзана со машките солзи не е јасно, историчарот Бернард Кап забележува дека уште во раниот 16 век еден трактат за човечката психологија декларирал дека плачењето е „природно“ помеѓу жените, но аномалија кога станува збор за мажите. „Трактатот за меланхолијата“ ја третирал тагата како болест, а солзите како нејзина нуспојава. Жените биле склони да заболат од неа, со оглед на нивното „влажно и нежно тело, особено во пределот на мозокот и срцето“, додека сувиот и тврд состав на мажите ги правел поотпорни на истото.

Во средината на 19 век во оптек влегла фразата „христијанство со мускули“, како опис на храбриот и патриотски дух помеѓу Англичаните. Таа е употребена во баладата „Тројца рибари“ на поетот Чарлс Кингсли, во која се вели „мажите мораат да работат, а жените да плачат“. Задача на првите, значи, е да влегуваат во ризични ситуации за да обезбедат храна, а обврска на вторите е вознемирено да чекаат и да ги оплакуваат своите мажи ако нивните тела бидат исфрлени од морето. Песната станала толку популарна што англиски уметник, Волтер Лангли, го искористил стихот како наслов на своја слика (фото лево). Со годините „набилданото христијанство“ почнало да доминира со идеологиите кои влијаеле на мажите кои ги претставувале британските империјални амбиции. 

Eлитните институции, особено образовните, биле посветени на култивирање „згрчена горна усна“ - потиснување на емоциите на тага и гнев кај своите ученици. Книжевноста од тоа време ги исмева машките ликови кои се лигават и си ги бараат мајките. Стоицизмот така станал нужен дел од англискиот карактер. Практиката на криење на емоциите во тек на кризи особено била нагласена во текот на двете светски војни, а таквото портретирање на пожелните машки карактеристики почнале да се појавуваат и во филмови и популарни песни.

Изразот stiff upper lip набргу се нашол и во Речникот на американизми од 1848, што значи дека станал дел и од американската имагинација. Во текот на шпанско-кубанската војна (1895-1898) во која Американците ја поддржувале Куба, шпанските војници биле портретирани како „деца“ кои плачат кога еден од нив ќе добие писмо од дома, навјасани од носталгија. 

Дарвин, во својот текст „Изразите на емоции кај човекот и животните“ од 1872 ги прогласил Британците за врв на цивилизираноста токму поради оваа карактеристика. Според него само „дивјаците“ плачат за банални нешта“, наведувајќи пример на поглавица од Нов Зеланд, кој врескал како бебе кога морнарите му ја извалкале омилената наметка поттурајќи ја со брашно. Додека тој хистерично плачел, тие исто така хистерично се смееле. Набргу Дарвин добил поддршка за ваквиот став, со тоа што негови колеги-интелектуалци му пишувале дека ваквата разлика ја забележувале на пример помеѓу белите и црните британски војници, при што вторите лесно се расплакувале од лутина, срам или разочарување. 

Но ваквиот став не останал ограничен на Британија. Како што империјата се ширела кон колониите, така се ширел и овој концепт, наспроти традиционалните духовни тажења во колонијална Индија, на пример меѓу шиитите на датуми поврзани со нивни маченици, но и меѓу хиндусите, кои верувале дека светецот од Бенгал, Рамакришна поттикнува интензивно плачење и смеење. Според филозофијата на вторите, мажите не треба да плачат за жени, деца или пари туку за да му се приближат на Бога. 

Но под влијание на колонијализмот и ова почнало да се менува. Најпознатиот ученик на Рамакришна, Свами Вивекананда, ја промовирал машкоста која се развива преку спорт и духовност. Парадоксот е дека ваквите идеи не биле ширени во контекст на колонијализмот туку обратно, како отпор кон него - ако Англичаните црпат сила од нивниот национален идентитет, а Индијците се учени дека се слаби и не можат да сторат ништо, тогаш и вториве треба да „украдат“ нешто од начинот на однесувањето на првите. 

„Доволно цмиздревме“, рекол Вивекананда. „Застанете на нозе и биде мажи. Сакаме религија која од момчињата ќе направи мажи. Сакаме такви теории. Такво образование.“ Започнало поорганизирано физичко воспитување на младите преку бокс, мечување и борење. Како што дисциплината и физичката подготвеност станале дел од националнистичката платформа, така се проширл јазот помеѓу плачењето и машкоста. „Маркд ко дард нахи хота“ (мажите не чувствуваат болка) станало варијантна на англиското „момчињата не плачат“ и се нашло дури и во наслов на боливудски филм од 2018. 

извор

11 март 2023 - 11:26