Доктор Харви Вили, одлучниот раководител на хемиското одделение на Министерството за земјоделство во Вашингтон, имал добри вести за доброволците кои се одзвале на неговиот повик. Тие секој ден требало да добиваат три обилни и свежо приготвени оброци, во тек на најмалку шест месеци. Со оглед на тоа што се работело за административци кои живееле од скромна плата, ова за нив била привлечна зделка. Освен тоа, им следувала и исклучителна медицинска нега, неделни систематски прегледи и дневно мерење на тежината, температурата и пулсот. Лошата вест: сето ова затоа што Вили имал намера полека да ги труе.
Според книгата „Затруениот одред: како почнала регулацијата на прехранбените адитиви“ од 1987, неговиот тим требало да става боракс во путерот, млекото или кафето, формалдехид во месото, бакар сулфат и калиев нитрат во овошните пити. Се почнувало со мали дози, а потоа тие се зголемувале додека некој од мажите не почнел да се жали на симптоми, како повраќање или малаксаност. Тогаш „субјектот“ морал да се исклучи од програмата додека не се опоравел, а потоа можел да продолжи. Доколку тој умрел или сериозно се разболел, тој или неговите наследници немале право да ја тужат владата.
Експериментот кој почнал во 1902 бил спроведуван со согласност од американскиот Конгрес, и иако се водел како истражување на „хигиенските и прехранбени навики“ медиумите од Вашингтон ги нарекле волонтерите „Затруениот одред“. На почетокот на дваесетиот век производителите и дистрибутерите на храна не биле обврзани со ниту еден федерален закон да ги наведат состојките на производите, ниту пак одговарале за евентуалните медицински нуспојави од консумирањето на истите. Родителите без да знаат им давале на бебињата сируп против кашлица кој содржел морфиум, маслиновото масло можело да биде и од памук заради поевтината цена, а гликозата да помине како мед.
Вили, поранешен професор по хемија на универзитетот Пурду, сакал по секоја цена да се спротивстави на овој криминал, кој делумно произлегувал и од незнаење. Особено бил загрижен поради користењето конзерванси, чии ефекти при долготрајна изложеност се уште не биле испитани. Заради тоа, откако го презел местото главен хемичар во Министерството за земјоделие во 1883, тој лобирал за повеќе пари и ресурси за квантифицирање на оние супстанци кои влијаат врз човечкото тело. Секако, не без закани и отпор од страна на тогашните производители.
Кога Когресот во 1902 му доделил 500 долари за експеримент кој требало да трае од 6 месеци до една година, тој во подрумот на Министерството организирал кујна, трпезарија и лабораторија, и поставил готвач кој приготвувал вкусни јадења, „збогатени“ со разни отрови. 12-мината знаеле на што се нафаќаат, а биле одбрани заради добрата конституција и младоста - доколку дозите се покажеле штетни по нивното здравје, тогаш децата и повозрасните биле изложени на уште поголем ризик.
Експериментот почнал со боракс, а продолжил со други хемикалии и адитиви. Се случувало волонтерите да го почувствуваат сменетиот вкус во некој пијалок или храна и да почнуваат да го одбегнуваат, па тогаш единствен начин да го проголтаат било сосема отворено да им се понуди капсула со дозата. Имало и подметнувања помеѓу субјектите, кога едни на други си ги труеле пијалоците, за да помогнат во добивањето на резултатите.
Истражувањето траело пет години со ротирачки членови на Затруениот одред. Целиот тој период лобистите се труделе да ги релативизираат или целосно да ги цензурираат наодите. Извештајот за ефектите на бораксот на 477 страници поминал добро, но затоа пак дури и Министерот за земјоделство се обидел да го забошоти оној за бензоева киселина, во тоа време широко употребуван конзерванс. Извештајот „протекол“ дури откако Министерот заминал на одмор а неговиот заменик неупатен во содржината дал налог тој да се испечати.
Сето ова довело до усвојувањето на Закон за чиста храна и лекарства од страна на Конгресот во 1906. Познат и како „Законот на Вили“, тоа била првата федерална легислатива која ја регулирала храната. Самиот Вили останал во Министерството за земјоделие до 1912, кога преминал во списанието Good Housekeeping, како советник за потрошувачи. Јавноста која веќе добро го познавала преку претходниот експеримент во него гледала сигурен извор на информации. Во 1927 тој предупредил и на опасностите од пушењето, и иако во 1952 списанието престанало со нивно рекламирање, официјално предупредување од страна на властите за ефектите на тутунот било издадено дури во 1964. Значајни се и неговите истражувања на ефектите на вештачките засладувачи, односно на сахаринот.
Во меѓувреме десетината луѓе кои биле подложени на експериментот немале долготрајни последици, освен еден, чија смрт од туберклоза семејството сакало да го прикаже како резултат на примениот боракс. Но ваквата врска никогаш не била докажана. И покрај сомнителната етичност на целото истражување од денешна гледна точка, Вили внимавал ниту еден млад човек-учесник да не биде во програмата повеќе од една година, на тој начин ограничувајќи ги можните негативни ефекти.