Расказот е пронајден во библиотеката на Универзитетот Индијана од страна на Ден Вејкфилд, пријател на Вонегат, и Џером Клинковиц, истражувач на делото на славниот автор. Тој е всушност еден од петте до сега необјавени на кои тие наишле пребарувајќи ја архивата, од која сакале да одберат материјал за ново издание под наслов „Комплетни приказни“. Сите пет се од раните 1950-ти, во времето кога Вонегат се уште немал напишано роман, а само што почнал да објавува кратка проза.
Трутовите во расказот не се некои метафорични мрзливци, туку машка колонија пчели, кои самите не работат, и не служат за ништо друго освен за расплодување на „матицата“. Еден возрасен бизнисмен по име Шелдон Квик, чие наследство од татко му полека но сигурно се троши, решава да вложи во нов и според него револуционерен потфат - пренесување пораки преку овие инсекти. Така не само што нивното постоење би се издигнало над биолошкото, добивајќи нова смисла, туку тие на тој начин би си го спасиле и голиот живот бидејќи во спротивно, по оплодувањето, се осудени да умрат.
Расказот завршува со библиски цитат, првата официјална порака пренесена во САД со Морзеов код во 1844. Тоа што на англиски „трутови“ е drones е интересна коинциденција - дали Вонегат ги предвидел и современите „дронови“ како средства за комуникација?
Анимирано видео со дел од расказот можете да видите подолу. Топло го препорачуваме целиот, за оние кои веќе го сакаат Вонегат, но и за оние кои допрва ќе го откриваат
Види и:
Совет на Вонегат до идниот писател: „Биди си ти!“