Најтешката задача за секој писател

Биди си ти

Во Букбокс, а и во off.net, често пристигнуваат текстови на читатели кои од нас бараат мислење за тоа што го напишале, дали „вреди" да се пишува, како „треба" тоа да се прави.

Навистина им се восхитуваме на оние кои знаат да ги дадат одговорите на овие прашања, и притоа да бидат, како Вонегат, истовремено и цинични, и религиозно посветени.

Во 1965. Курт Вонегат водел курс за писатели во Ајова, насочувајќи ги во занаетот. Една од учесничките, Сузан МекКонел, сочувала едно од писмата со кое Курт им ги соопштувал семестралните задачи, а кои биле пишувани за секој од учесниците поединечно. Еве ги неговите совети:

Драга,

Овој курс започна како Форма и теорија на фикција, потоа стана Форма и текстура на фикција, потоа Површинска критика или Како да зборуваш од аголот на устата како ептен јак професионалец. На крај може ќе испадне Одгледување домашни животни. Како што ми рече пред многу години еден многу драг пријател: „Држи си ја шапката на глава. Може ќе завршиме со километри оддалечени од тука."

Што се однесува до вашите семестрални задачи, би сакал тие да бидат и цинични и религиозни. Сакам да го обожавате Универзумот, лесно да се восхитувате, но исто така да покажете нетрпение кон оние уметници кои ги навредуваат нашите длабоки убедувања за тоа што е Универзумот, или што тој треба да биде. „Ова пред сè..."

Те повикувам да ги прочиташ петнаесетте приказни во „Мајстори на модерниот краток расказ" (W. Havighurst еd., 1955, Harcourt, Brace). Прочитај ги за задоволство и мерак, почнувајќи секој од нив како седум минути пред тоа да си мавнал една чашка добар алкохол.

Потоа напиши ја на бел лист хартија содржината на книгата по поглавја, без да ги пишуваш броевите на страниците, и заменувајќи ја секоја бројка со оценка од 1-5. Оценките треба да бидат детски себични и дрски мерки на твоето задоволство или недостатокот од него. Не ми е гајле какви оценки ќе ставиш. Но инсистирам дека некои приказни ќе ти се допаднат повеќе од други.

Потоа премини на халуцинацијата дека ти си помлад, но корисен уредник во добро книжевно списание, кое не е поврзано со универзитет. Земи три раскази кои најмногу те бендисале и три кои најмалку го сториле тоа, шест вкупно, и замисли дека тие се понудени за објавување. Напиши извештај за секој од нив кој треба да биде поднесен до мудар, почитуван, луциден и нашетан надреден.

Не го прави тоа како академски критичар, ни како човек кој е зависен од уметност, ниту пак како варварин на книжевен пазар. Направи го тоа како чувствителен човек кој има неколку практични совети за тоа како приказните можат да успеат или да не го сторат тоа. Фали или куди како што сакаш, но направи го тоа отсечно, прагматично, без да посветуваш големо внимание на досадни детали. Биди си ти. Биди единствена. Биди добар уредник. Господ знае дека на Универзумот му требаат уште добри уредници.

Бидејќи ве има 80, а не би сакал да ослепам или да убијам некого, 20 страници од секој од вас се доволни. Не ги дувајте работите. Не се залетувајте. Користете зборови кои ги знам.

3 декември 2012 - 13:20