Денес би било скандал доколку наставник би кренал рака на ученик. Во не така дамнешното минато, и во македонското образование, на тоа се гледаше или како на нужна педагошка мерка, или како на моментално „спојување жички“ на наставникот. Главно не се реагираше, освен со плачење.
Но во светски рамки, трендот на намалување на телесните казни во школството одел полека, главно од посурови и понижувачки казни (сте слушнале за клечење врз триена пченка од постарите?), кон тегнење за коса и уши, до премин кон вербални или писмени укори. Почнал обратен процес, на позитивно поттикнување, кој предвидувал акцент на наградите а не на казните - наместо седење во „магарешка клупа“, нагласување на примерното поведение како дел од успехот во училиште, како и воведување на институција „првенец“ на генерација, кој покрај одличните оценки би требало да ги олицетворува и сите морални доблести на кои останатите треба да се угледуваат.
Во англиските говорни подрачја, користењето на телесното казнување во училиштата историски бил оправдуван со принципот in loco parentis, според кој наставниците се сметаат за авторитети со исти овластувања како родителите во домот - меѓу кои дисциплинирање и казнување на децата. Улога играла и максимата, присутна и во македонскиот, дека „дрвото се свива дур е младо“, односно дека воспитувањето има ефект само во порана возраст на детето, додека неговиот карактер е во формирање.
Полска била првата држава која го прогласила физичкото казнување на ученици за незаконско, уште во 1783. Во моментов телесното казнување веќе не е легално во ниту една европска земја. До 2016 повеќе од 128 држави во светот го имаат забрането (главно во Европа и поголемиот дел од Јужна Америка и Источна Азија). Околу 70 земји се уште дозволуваат тепање во школо, вклучително делови од САД, некои држави во Австралија и голем број земји во Африка и Азија.