Како (го) попушивме

Aхмед Буриќ, поет и редовен колумнист во Радио Сараево, за разликата меѓу пушењето, „пушење“-то и попушувањето. Сите три можат да имаат умерени до значителни влијанија врз здравјето, но последново особено се одразува врз она менталното. 

автор: Ахмед Буриќ

Седам на скопскиот кеј во бермуди, мојата писателска резиденција полека се приближува кон крајот. Минуваат прекрасни жени, десно зад мене е неоантичката зграда на Археолошкиот музеј, пред неа неспретно изграден ресторан-брод, кој е три пати поголем отколку што би требало да биде ако е вистински, и да плови по Вардар. Келнерот ми се обраќа на англиски, затоа што носам сламен шешир, а од менито во ресторанот Каза Кубана ме гледа лицето на Ернест Хемингвеј. Дваесет и три по Целзиус, и денот е речиси идеален.

Блиску до педесетата, и се сведуваат сметките: кога ќе се вратам во далечното минато, нема баш многу нешта кои не сум ги платил чесно. Би било подобро некои работи да се поинакви, но сè на сè нема многумина на кои сум им го загорчил животот: гледав да не им се наоѓам на луѓето на патот, да не мразам и, колку што е можно, да сум духовно слободен. Омразата на неколкумината нереализирани бедници и презирот на менталното село не ме забавија, не е пријатно, но човек се навикнува да живее со тоа.

Некогаш одамна, кога одлучував со што ќе се занимавам и што ќе бидам - или сè е однапред одредено, и ние не одлучуваме за ништо - знаев да се воодушевувам на мајсторското пишување на неколку луѓе. Еден од тие мајстори кој стана големо разочарување, беше веќе одамна покојниот Богдан Тирнаниќ, новинарски писател со елегантен стил, чии текстови и книги, со четиринаесет и нешто подоцна, едноставно ги голтав. Во книгата „Кока-кола арт" пишуваше за навиката за пушење и уживање во тутунот, и навидум се жалеше дека никогаш не нашол цигари со кои би бил задоволeн oткако фабриката во Врање престанала да го произведува Данхил. Текстот, за тоа време повеќе од либерално се викаше: „Како го попушивме". Секој добар текст е повеќезначен, а овој, кој требаше да зборува за недостатокот од цигари, всушност зборуваше за кризата која го тресе социјалистичкото општество, и за човекот чии егистенцијални прашања се поставуваат преку изборот на марки цигари. Извадокот завршуваше со реченицата: „Истиот ден умре Мирослав Крлежа".

И тоа значеше крај на една епоха.

Во поплавата вести кои секое утро ги заплиснуваат порталите и социјалните мрежи, една се издвои со својата бизарност. Станува збор за претприемачки-образовен потфат на извесна Белграѓанка, која отворила школа за орален секс, значи меѓу младината а и нешто пошироко познатото пушење, цуцање или дудлање, како што го нарекуваат фелацио-то порадикалните претставници на урбаниот израз. Па вели веста:

„Мажите веќе не мораат да се грижат, нивните партнерки конечно ќе научат да ги задоволат на вистинскиот начин, а жените можат да здивнат затоа што после ваквиот орален секс секој маж ќе им пие од рака"

Белграѓанката Ники Престиж отвори школа за орален секс во потесниот центар на градот. Оваа 36-годишна жена дошла на идејата да ја отвори ваквата школа затоа што, смета дека нашите жени сепак се сексуално неосвестени, пишува еден портал.

„Се иселив во Истанбул многу млада - кога имав 22. Тогаш видов колку нашите жени се разликуваат од Турчинките, тие би направиле сè за да го задоволат мажот. Од нив научив многу тајни на оралниот секс. Судбината по две години ме однесе во Милано. Тука се занимавав со манекенство и во сплет на околности станав мајстор на оралниот секс", пишува наставничката.

Потоа Ники посакала да се врати во својот роден град затоа што, како што вели, никаде не е како дома. Ѝ дошла феноменална идеја: своето знаење да го сподели со Белграѓанките.

Иако во школата се влегува исклучиво со препорака, интересот е голем. Најмладата ученичка има 24 години, а интересно е дека сите девојки и жени кои се пријавиле се од добростоечки семејства.

„Предзнаењето не е неопходно, можете да дојдете и сосема неуки", вели Ники.

Е сега, има многу потпрашања кои би ги поставил љубопитниот новинарски ум, а прво секако би било кој е тој сплет на околности кој прави од едно човечко суштество мајстор на овој вид занает? Но, она што најмногу го копка оној што го пишува ова не е дали во школата земаат модели на кои тренираат - како што на пример има луѓе што позираат за портрети или актови на ликовна академија - туку како Ники Престиж сконтала дека дома е најдобро? Дали профилите и размерот на предметите на обработка се она за што станува збор, или во целата работа се пресудни вкусот и мирисот? Елем, има тука голем број верзии и верувам дека интервју со Ники Престиж, ако дамата навистина постои, би била вистински „локум" за медиумските сладокусци.

А потоа ми падна на памет дека Ники, всушност, само со сертифицира она што овие народи буквално или преносно го прават сите овие години. Ники, значи, како Енди Ворхол кои нештата со масовна употреба ги воведе во уметноста, го озваничи пушењето како економска, и понатаму како спортска гранка: затоа што, што е приказната за тоа дека се смириле Изетбеговиќ и Радончиќ, затоа што имаат поголеми непријатели отколку што си се тие меѓусебно, ако не подготвување на народот на уште една кубура која треба да ја попуши? Што е растот на ХДЗ и радикализацијата на јавното мислење во Хрватска, каде на некои од тамошните најслободни мислители не им се дава да го кажат она што сакаат ако не - пушење. Што е Вучичевата апсолутна контрола над медиумите и неотварањето на ниту едно суштинско прашање заради кои Србија ги почна војните во деведесетите, ако не првокласен орален секс. Што е, на крајот, вложувањето на македонската Влада во западните медиуми, кои повторуваат дека таа земја е рај за инвеститори, додека просечната плата е 300 евра, ако не - пушење.

И на каков сплет на околности, сите заедно, сме се согласиле, баш како и Ники Престиж, за да станеме мајстори на својот занает. Пушење, и тоа без голема пребирливост. Она малку пари што ќе се заработи со тоа, мора да е некоја сатисфакција, но тоа не е ништо во споредба со среќата која ја чувствуваме кога без предзнаење, како што вели Ники, ќе сфатиме колку далеку, односно длабоко сме стигнале.

Навистина, некои работи немаат цена. За останатото, тука е Ники Престиж и нејзината школа. И граѓаните на цели новонастанати држави. Совршен образовен и деловен потег, зарем не?

***

За дружење со Буриќ, во сабота во „Децата од нашата улица“ на Ленинова

8 октомври 2015 - 11:12