Во време на милион апликации кои ветуваат систематизирање и квалитетно раководење со домашниот буџет, и кога и компјутерски помалку писмени знаат да направат барем обична Ексел таблица, „какебо“ не звучи како кој знае што. Но во основа на техниката од почетокот на 20 век, која сега доживува обновена популарност, е работите да се запишуваат со своја рака. Да, со пенкало, и на хартија. Или во какебо тефтер, посебно направен за оваа намена (фото горе).
Поентата е дека животот стана толку брз, а купувањето со картичка толку ефикасно, што го имаме загубено тактилниот момент на ракување со пари. Тоа пак нè замајува дека ги имаме и кога ги немаме. До моментот кога ќе сфативме дека навистина немаме.
Но „какебо“ не подразбира само запишување на трошоците, и правење математика, туку и поставување на неколку прашања пред да се купат ненеопходни нешта. Слично како и во книгата „Дом со нула отпад“ од Беа Џонсон (Букбокс осврт и интервју со преведувачката тука), човек треба да се праша:
Дали можам да живеам без ова?
Дали можам да си го дозволам?
Дали навистина ќе го користам?
Дали имам место за него?
Како воопшто стигнав до него (преку реклама на телевизија, шетајќи низ трговски од досада?)
Какво ми е расположението денес (Спокојно? Стресно? Славеничко? Дали поради нешто се чувствувам лошо?)
Колку долго ќе ми трае радоста од купувањето?
Во основа, станува збор за некаква чесност кон себе во однос на сопствените потреби и купувачки страсти. Сепак, ова не е алатка која заговара аскетизам, туку само повеќе мислење околу чинот на трошење. Не дека не може да се израдуваш со нешто, но тоа може и да биде пазарски букет цвеќе. За сето останато, умно е да се остават барем 24 часа за одлуката да слегне, и да се пазари во готово, за погледот во новчаникот да ја отслика реалната ситуација.