Даниел Канеман е познат по истражувањe на необичните, често контраинтуитивни начини на кои донесуваме одлуки. Единствениот психолог кој ја има добиено Нобеловата награда за економија, за трудови од областа на бихејвиоралната економија, тој се фокусира на когнитивните предрасуди за вообичаените човечки грешки. Резиме на голем дел од неговите истражувања е бестселерот „Мислејќи брзо и бавно“, излезена во 2011.
„Сите зборуваат за среќата деновиве“, почнува неговиот ТЕД говор, кој има над три милиони прегледи. Сите сакаат да бидат посреќни, и многумина профитираат од продавање ветувања за среќа. Но и покрај ваквата (зло)употреба на концептот, постојат неколку когнитивни стапици кои го оневозможуваат рационалното мислење во врска со среќата.
Првата стапица е што под „среќа“ се подразбираат толку различни работи, кои се често толку упросечнети и упростени, што овој збор е веќе потрошен, испразнет од значење. Втората стапица е збунката помеѓу искуството и меморијата - помеѓу тоа да се чувствуваш среќно во одреден момент во животот, и да си среќен/задоволен со твојот живот генерално.
Канеман низ живописни примери, со пациенти кои минале низ болни процедури на колоноскопија, или сеќавања на одреден летен одмор, покажува дека нашето искуствено „јас“ функционира под драстично различни услови од нашето јас коешто се сеќава. Искуственото се изјаснува на пример тогаш кога докторот ќе ве допре некаде по телото и ќе ве праша „Боли ли тука?“. „Сеќавачкото“ или рефлексивното се aктивира тогаш кога истиот тој доктор ќе ве праша како сте се чувствувале од вашиот последен преглед.
Ова се два сосема различни ентитети - јаството кое се сеќава е раскажувач, а она што ја обележува неговата нарација се промените, значајните моменти и како нешто завршило. Некое искуство, па дури и да било долготрајно пријатно, доколку завршило трауматично, ќе биде запаметено како непријатно. Сте биле во долга врска низ која вашето искуствено јас уживало во секој даден момент. Но неочекуван настан ви го скршило филмот, па нарацијата за неколкуте минати години сега се сведуваат на споменот на неславниот крај. Одлуката дали повторно да бидете со истиот човек ќе биде доминирана токму од него.
Но што се случува со сите оние ситни моменти кои ги доживува искуственото јас, а кои она рефлектирачкото знае така сурово да ги прекрие? „Психолошката сегашност“, односно свесноста за она што ни се случува во моментот во просек трае три секунди. Тоа значи дека месечно такви моменти има 600.000, а во еден просечен живот 600 милиони. Поголемиот дел од нив се целосно игнорирани од сеќавачкото јаство. Ова е голема неправда, бидејќи секој од овие моменти е нашиот живот, тој конечен ресурс кој го ситниме додека сме на земјава. „Зграпчи го денот“ вели старата изрека, и ова делува релевантно. Но тоа не е и приказната која ни се складира во меморијата.
Главната разлика е во ракувањето со времето. Од гледна точка на искуственото јас, ако сте на одмор и втората недела е исто толку добра како првата, тогаш двонеделен одмор изгледа двојно подобар од еднонеделен. Но тоа не е така за јаството кое се сеќава. За него, двонеделен одмор (да речеме на една иста плажа, во едно исто одморалиште) е речиси исто толку валиден колку и еднонеделен, бидејќи во таа втора недела главно не се случува ништо ново што би влегло во склоп на меморијата. Времето е релевантно само ако менува нешто во доживувањето, односно во приказната. Ако не, дали сте останале три дена во Неа Пори или три месеци, на сеќавачкото јаство му е сеедно.
Сево ова има огромна улога во начинот на којшто донесуваме одлуки. Некои луѓе предност му даваат на искуственото јас - не им е битно дали од одморот (читај: од животот) ќе понесат спомени, туку да им биде пријатно во секој момент од него, па макар доживеале и амнезија дека биле на одредено место и во одредено време. Други повеќе се грижат за она што ќе остане кога работите ќе се сведат. Свесноста дека се работи за две различни наши „јас“ сепак може да помогне да ги донесеме вистинските одлуки.
Целиот ТЕД говор