Интернет е уметничко ремек-дело?

Сликите на Ван Гог или скулптурите на Микеланџело предизвикуваат восхит и чувство дека нивните автори допреле до нешто поголемо од нив. Истото тоа чувство би требало да го имаме кога сме на интернет, вели авторка на нова книга на оваа тема.

Во нејзината нова книга, „Магија и загуба", Вирџинија Хефернан, ТВ критичарка во Њујорк Тајмс, го опишува интернет како „огромно и колаборативно дело на реалистична уметност" и „најголемото ремек-дело на човечката цивилизација". Но наместо да бидеме импресионирани и да реагираме со речиси побожното „уау!" на она што тој го содржи и она што тој го може, плукаме врз него и го обвинуваме за тоа што ние самите не можеме да го контролираме. Всушност на интернет-от треба да му пристапуваме како на нова културолошка форма, која нуди куп можности кои чекаат да бидат искористени.

„Секоја нова уметничка форма содржи голема потенцијална енергија. Исто како што се велело за панкот или Шекспировите мрсни комедии, и за интернет често се слуша дека не е добар за нас. Всушност, сега читаме повеќе отколку кога и да е, и толку сме фанатични во тоа што ризикуваме сообраќајка само за да продолжиме да пишуваме и читаме. Буквално сме во интеракција со текстот. Во моментов поголем проблем е дали праќаш СМС додека возиш, отколку дали си пиел. Ова е нашиот главен опијат: пишување и конзумирање зборови", вели таа.

Книгата има четири поглавја насловени „Дизајн", „Текст", „Слики" и „Видео", и во нив се анализираат и апликации за мобилни, јутјуб видеа, и слика од Пекинг под смог. Во еден момент е спомнат и Витгенштајн. Иако во рекламите за книгата се вели дека Хефернан го прави за интернет она што Сузан Зонтаг го направила за фотографијата или Маршал МекЛуан за телевизијата, откривајќи ја неговата логика и естетика, дел од критиката вели дека идеите во книгата се „некохезивни", што е веројатно опис токму на феноменот со којшто таа се занимава.

Животот онлајн се одвива според својствата кои ги фаворизира новиот (или веќе и не толку новиот) медиум - брзина, луцидност, „проточност". Неговата форма и функции го менуваат начинот на којшто го разбираме, искусуваме и разбираме светот. Но во целата таа трансформација на секојдневниот живот, кои содржи моменти на магија, се случува да имаме и чувство на длабока загуба. Така, според авторката, секоја дискусија која само ги наведува чудесиите на интернет, а не ги зема предвид и неговите мрачни страни, е само пропаганда. Оттаму и „загубата" во насловот на книгата.

Извадок од неа тука. Книгата официјално ќе излезе на 1 септември оваа година. 

6 јуни 2016 - 08:52