Сторијата за воведувањето на тн. „џез хендс“ или знакот за ракоплескање во британската верзија на знаковниот јазик на глувонемите, на местото на „обичното“ ракоплескање на настаните кои ги организира сојуз на студенти на еден од британските универзитети, предизвика бура реакции.
Пирс Морган реагираше со твит во кој ја обвинува Британија дека „го губи умот“, а неговиот колега Џереми Вајн отиде чекор понатаму, коментирајќи, со фотографија на британски војници во ровови во Првата светска војна: „Ракоплескањето е забрането на Универзитетот во Манчестер за да се избегне вознемиреност и за да се подобри пристапноста. Студентите наместо тоа ќе користат тивки `џез раце`. Задоволен сум што некои храбри млади души одлучија да ги игнорираат потешкотиите причинети од ненадејни звуци пред 100 години“.
Сара Кан, одговорната за пристапност и ослободување (?) на Сојузот на студентите на Универзитетот во Манчестер, кој ја донесе ваквата одлука, вели дека медиумите како и секогаш претерале и дека аплаудирањето нема да биде забрането. Идејата е студентските настани да бидат поинклузивни за сите, со тоа што ќе се понуди и ваква опција.
Ова сепак не е прв пат да се воведува „британско знаковно ракоплескање“. Тоа се користи од страна на Националниот сојуз на британски студенти уште од 2015, и од тогаш е постојана тема на потсмев. Од друга страна, кога синџирот продавници Морисонс во Британија воведе саботен „тивок“ шопинг, од 9-10 наутро, за да им помогне на оние кои се вознемируваат од гужви и врева, тоа беше поздравено.
И додека некои од самите студенти сметаат дека на целата работа и се посветува премногу внимание и е OTT (over the top, и таков акроним постоел), други се позагрижени за спроведувањето политичка коректност во сите можни сектори.
Загриженост на која можеме само да ѝ аплаудираме.