Гледанка

Букбокс гледаше: „Кларк“ (мини-серија, 2022)

Биографска приказна за човекот кој важи за првиот селебрити-гангстер. Тој освен за убиства, кражби, измами и други кривични дела е заслужен и за создавањето на изразот „Стокхолмски синдром“. Истиот оној кој ќе го почувствувате откако серијата ќе ве направи заложник на неговата инфантилна и опасна фигура.

Букбокс гледаше: „Минамата“ (2020)

Филм кој има одлични предуслови да биде добар -  вистинска приказна за корпоративна алчност која предизвикува човечки трагедии; биографија на еден од најпознатите фоторепортери во историјата; и славен актер кој го толкува неговиот лик. Иако не ги исполнува до крај очекувањата, тој актуелизира една подзаборавена приказна чии последици се чувствувале со децении.

Букбокс гледаше:„Џулија“ (мини-серија, 2022)

Новата серија на ХБО во осум епизоди е трет телевизиски производ во краток период посветен на готвачката која ја промовираше француската кујна во Америка. Од каде ваков обновен интерес за нејзиниот лик? Најверојатно има врска со пандемијата, но можеби и со генералната потреба некој да нè утеши, макар и со крезли.

Букбокс гледаше: „Точка на вриење“ (2022)

Нискобуџетна драма, снимена во еден кадар, која ни ја отсликува високата тензија која владее во кујните на познатите ресторани. До точка на вриење, препржување, загорување, пукање.

Букбокс гледаше: „Вестерн“ (2017)

Германско-бугарски филм кој иницира чувство на документарност, но не на начин кој би бил очекуван. „Западот“ е немоќен среде балканската пустелија, во која владее сиромаштија, а пак локалците се поцивилизирани во споредба со нив кога станува збор за почитување на етичкиот кодекс на заедницата.

Букбокс гледаше: „Купе број 6“ (2021)

Добитникот на Гран при во Кан зборува за предели во кои среде студенилото и мразот сепак се случува топла човечка приказна. 

Букбокс гледаше: „Вавилон Берлин“ (серија, 2020)

Вообичаено кога историски се зборува за Германија фокусот е на нацизмот и Втората светска војна. Но што им претходело на овие настани? Разврат, берзански манипулации, политички расколи, мафија. Вајмарската република никогаш не ни била поживописно опишана, до толку што можете да ја помирисате и да се почувствувате дека сте биле таму, меѓу танчарките, болшевиците и национал-социјалистите.

„Војводата“: вистинската приказна за пензионерот што украде слика на Гоја

Само една слика до сега е украдена од Националната галерија во Лондон. Во август 1961 „Портретот на војводата од Велингтон“ едноставно исчезнал. Кружеле најразлични теории за тоа кој може да е крадецот - од добро обучени специјалци, до италијанската мафија. Вистината била малку поинаква. 

Букбокс гледаше: „Херој“ (2021)

Кога ќе слушнете дека некој филм е ирански отприлика знаете што да очекувате - приказна за „малите луѓе“ и нивните судбини, кои се истовремено и универзални и врзани за конкретното поднебје. Ако филмот е на Асгар Фархади, тогаш знаете дека тоа ќе биде и добар филм.

„Приказна од западната страна“ (2021)

Минатата година имаше дури три филмски мјузикли. „Анет“ собраа куп европски награди, а „Сирано“ е номиниран за Оскар за најдобри костими. Но „Приказна од западната страна“ има седум номинации, а од нив некои статуетки се речиси сигурни. Како тргнало, можеби следната година ќе гледаме нова верзија на „Футлуз“?

Букбокс гледаше: „Скала“ (2021)

Романски филм, кој низ сложен преплет на историски и интимни драми, ја раскажува вистинската приказна за животот на Драгош Паслару, познат актер од времето на 1990-тите, кој по бурните настани поврзани со падот на Чаушеску станува отец Валеријан.

„Куќата Гучи“ (2021)

На почетокот на новиот филм на Ридли Скот стои титл - „Инспирирано од вистинскаТА приказна“. Членувањето на „вистина“ претпоставува дека има само една таква, до која филмот наводно се придржува. Изедначувајќи ја реалноста со митологијата за моќното семејство Гучи, тој го прави она што всушност го правеле и неговите членови. Сè додека митот не се распаднал од внатре.

Вистинската приказна зад мини-серијата „Градинарите“ (Landscapers)

Брачниот пар Сузан и Кристофер Едвардс во моментов отслужуваат казна од 25 години затвор за убиство на мајката и таткото на Сузан. Оваа серија сепак не е типична крими приказна.

„Следоред“ или феноменот на фасцинираност од одвратни ликови

На вчерашното (9.10) доделување на Златните глобуси, серијата која кај нас е преведена со необичниот термин „Следоред“ (Succession) беше номинирана во неколку категории, а доби Глобус за најдобра серија од жанрот драма. Иако не е ни прва ни последна чии ликови се морално сомнителни, оној кој ќе заглави до доцна ноќе гледајќи ги „византиските“ сплетки на семејството Рој, чии членови си се пострашни внатрешни душмани од оние надворешните, не може а да не се запраша - зошто побогу го гледам ова?

„За едно сум сигурен“ (минисерија, 2020)

Тешка тема за психичко растројство, семејно насилство и обидот еден човек да пронајде смисла во реалност која се распарува по сите шавови. Микродозирањето со една епизода во интервали од по неколку дена сепак ја открива сета раскош на талентот на Марк Рафало и на приказна која зборува за повеќе отколку за поединечна судбина.

Букбокс гледаше: „Не гледај нагоре“ (2021)

„Космичка катастрофа“. „Тик-тик, бљак!“. Ова се наслови на критики за филмот со импресивна листа актери и многу реален опис на политичка, медиумска и ментална апокалипса која самошто не се случила.

Букбокс филм на годината: „Вози ја мојата кола“

Во 2021 имаше добри филмови. Oпоравувајќи се од шокот на пандемијата од претходната година и прилагодувајќи се на новите околности, шоуто продолжи. Но покрај визуелните спектакли како „Дина“ или „Француско дописништво“, имаше и потивки и минималистички, но всушност поамбициозни филмови. 

Вистинската приказна зад „Последниот двобој“ на Ридли Скот

Направен врз основа на истоимена книга на Ерик Џегер од 2005, ова е филм за една историска мистерија, која не е разрешена ни по шест века: дали благородничката Маргарита де Каруж била силувана од штитоносецот Жак Ле Гри? Во средниот век единствен доказ за вистината во отсуство на сведоци била победа во вооружен дуел, на живот или смрт. 

„Вистинското место“ (2017)

Во маалско бистро секој ден и по цел ден седи човек со црн тефтер на масата. Кај него доаѓаат луѓе кои имаат некаква голема желба. Тој ги сослушува и им кажува кој е условот таа да им се исполни. До каде се подготвени да одат пореметувајќи ја рамнотежата во космосот?

„Белиот меч“ (документарен, 2012)

Филм за човек кој поради генетско нарушување го загубил видот, но не се откажал од тоа да работи на својата самодоверба и вештини. Со помош на посветени учители, почнал да тренира аикидо, а сега самиот подучува други слепи лица како да се одбранат доколку бидат физички нападнати. 

„Вени на светот“ (2020)

Колку често имаме прилика да видиме монголски филм, да го слушнеме јазикот и да го впиеме широкиот пејзаж во којшто живеат номадските народи во оваа земја? Во јуртите е топло и безбедно, но среде непрегледните пасишта се појавуваат странски компании и диви копачи на злато кои се закануваат да го уништат традиционалниот начин на живот, и животот воопшто.

„Малку веројатниот убиец“ (мини серија, 2021)

Оние повозрасните се сеќаваат на атентатот врз шведскиот премиер од 1986. Сепак, секој од нив запамтил нешто поинакво за тоа кој е убиецот - ништо чудно со оглед на бројот на теории, секоја со доза на веројатност. Но помеѓу сите сомнежи за вмешаност на ЦИА, југословенското разузнавање, Курдите и јужноафриканските поддржувачи на апартхејдот, имало еден човек кој изгледа е најверојатниот, а малку веројатен убиец.

„Незаборавна пролет во заборавено село“ (2019)

Нова национална стриминг платформа ни овозможи да погледнеме филм кој сме го пропуштиле, а и реално не би имале многу можности да го видиме освен на телевизија. Комедија со атрактивен синопсис - што се случува кога во едно забаталено село ќе пристигнат три проститутки?

Солнченце захаја (документарен, 2020)

Како би се чувствувале ако некој ви каже дека „Ав, ав Шарко лае“ не е за куче? Или дека не постои воз за Кочани (кој носи деца помочани)? Излажани. Разочарани. Зачудени? Токму тој ефект го има овој филм за оние растени во поранешна Југославија со една словенечка, народна песна.