Во викторијанската книжевност од 1800-тите, секогаш кога жените доживуваат некаква емотивна епизода, веднаш паѓаат во несвест. Ова било толку зачестено, не само во книжевноста туку и во животот, што задолжителен дел од женската гардероба биле кутивчиња со миризлива сол за освестување. Историчарите на модата од тој период го припишуваат овој феномен на тесните корсети во кои едвај се дишело, а и кои држеле многу топло лете. Ова е физичкото објаснување, но психолошкото можеби е дека ова било некаков имитаторски тренд, кој покажувал дека станува збор за деликатна личност која не може да излезе на крај со бремето на околината и времето во кое живее.
Фаст форвард во времето, од викторијанска Англија до Грција во 21 век и филм во кој се случува нешто што повеќе личи на научно-фантастична иднина. Тука, а и во светот, почнува да се појавуваат мистериозни случаи на крварење од нос и паѓање во несвест на жени, кои некое време по ваквата епизода умираат. Причинител е сексуално пренослив вирус, чиј „вектор“, како чумосан стаорец или маларичен комарец, се мажите.
На самиот почеток на филмот Арис е известен дека е негов носител и од болницата добива наредба да ги исконтактира сите со кои бил во сексуален однос последните четири години, а да ја пријави „нултата“ пациентка, од која започнало сè.
Списокот на Арис е „шарен“ - опфаќа жени од различни возрасти и социјални слоеви. Една е хотелска собарка, друга директорка на успешен бизнис со козметика и вози масерати, трета одгледувачка на кучиња, четврта работничка во фабриката во која и самиот шефува... На сите нив тој им приоѓа со истиот муабет, во кој се извинува за вознемирувањето но дека работата е сериозна. Нивните реакции се исти во смисла на тоа дека отпрвин ниту сакаат да го видат, ниту пак му простиле за начинот на кој тој се однесувал кон нив во минатото, а потоа, секоја се справува на различен начин со неубавата вест. Нештата стануваат веќе по малку репетитивни, сè до последните две приказни кои внесуваат мал момент на изненадување и додаваат елементи на можните толкувања.
Генерално, клучот е изгледа во насловот. Дека филмот зборува за нешта за кои не е пожелно/пријатно да се зборува, но кои се сериозни и животно важни. Ова особено земајќи го предвид грчкиот и поширокиот балкански контекст, со „вирусот“ на патријархалноста која стега како тесен корсет, од кој може и да се падне во несвест, но и од кој понекогаш се умира. За да не биде пораката толку дидактична, додадени се комични елементи и ликови, како газдата на компанијата во која работи Арис, кој постојано го гњави со тоа што му чита „мисловна“ поезија. Самиот Арис пак е со лик на Бастер Китон, во ниту еден момент не покажува емоција, а не е ни јасно со што можел толку да ги налути своите љубовници кога изгледа не како името да му значи „најдобриот“, туку како „муле“ (додуша со џип).
Ова е филм од кој можеби не се паѓа во несвест, но кој сепак е миризлива сол на се уште отворената рана на машко-женските односи.
Илина, Букбокс
* Филмот ќе се прикаже на отворањето на Фестивалот на грчки филм на 7.4 (недела) во 20 часот во Кинотека