Мете Холм речиси 20 години ги преведува од јапонски на дански делата на Харуки Мураками. Нејзината втопеност во световите на овој автор е толку длабока, што таа и во секојдневниот живот „гледа“ сцени од неговите книги. Така, појавата на огромна жаба (од расказот „Супержабата го спасува Токио“) во подземната железница или во некој патемен парк не е ниту страшна, ниту восхитувачка, туку обичен факт во светот кој тие двајца (авторот и преведувачката) го споделуваат. Истовремено, ваквите сцени не се чудни ни за гледач на документарец каде нештата, нели, треба да бидат реални. Затоа што оваа жаба е посебна, и низ цитати од расказот потсетува на важноста на меѓусебното разбирање, и на луѓето и на световите.
Границите на ваквата разбирачка се тема на филмот на данскиот режисер Нитеш Анџаан, кој ја следи Мете низ нејзиниот процес на преведување на дебитантскиот роман „Слушни го ветерот кој пее“ на Мураками. Ја следиме како таа фаќа белешки на својата работна маса (со дебел мачор во позадина, неизоставен елемент и на речиси секоја приказна на овој автор), разменува мисли за Мураками со непознати во суши бар во Токио, разговара со колеги околу предизвиците на преводот, држи предавања за истото. На едно од нив таа споделува редок интимен детал - кога мајка ѝ некогаш ја прашала „А што би била ти без Мураками?“. Прашањето останува да виси во воздухот, потсетувајќи на тоа дека преведувачот сепак пре-создава нешто што е веќе создадено од големиот мајстор - писателот.
„Нема совршен текст, како што нема ни совршен очај“. Вака гласи една од верзиите на преводот на првата реченица од романот кој Мете го работи и со која таа се занимава во текот на целиот филм. Дали „текст“ е соодветен превод, или е подобро „книжевност“? Можеби „реченица“? Јапонскиот оригинал остава простор за повеќе толкувања. Секој од колегите со кои таа се консултира за таа една реченица имаат различни мислења и сите тие се некако „логични“. Но што сакал авторот да каже? Како сакал таа да му звучи на јапонскиот читател, кој има сосема поинаков светоглед од западниот? Ако не постои совршен текст, дали тогаш е можен негов совршен превод?
Сенката во која пребива преведувачот е очигледна и во филм кој му е целосно посветен токму нему. За приватниот живот на Мете и за тоа како дошло до тоа таа да научи јапонски дознаваме многу малку. Откако како мала со родителите ја посетиле Франција, таа се заинтересирала за посебен вид на ткаење, научила француски и престојувала во семејство на ткајачка за да го изучи занаетот. Жената имала голем број книги, меѓу кои и од јапонската книжевност а целото семејство изгледало воодушевено од јапонската култура. Мете одлучила да ја посети земјата и да го научи јазикот. И потоа дваесет години да го преведува Мураками. Ова раскажано како да е нешто најнормално, како огромна жаба во подземна железница во Токио.
Филмот ќе им биде најинтересен на оние кои ги сакаат делата на Мураками и на сите оние кои се занимаваат со превод. Сепак, него треба да го погледнат и оние кои никогаш не прочитале ни ред од неговите 14 романи и шест збирки раскази. И кои никогаш не се обиделе да преведат ни ред „убава литература“. Можеби не е толку динамичен како документарец за мајстор кој изработува самурајски катани, но процесот на преведување, кога е направен како што треба, е исто така дело на вешт занаетчија.
Освен тоа, документарецот има одлично финале - Мураками треба да ја посети Данска откако таму му е доделена висока награда. Притоа Мете треба да седне до него на истата сцена и да учествува во разговорот. Ги следиме подготовките за настанот (организаторите дури имаат и изработено макета од сцената), ја гледаме Мете како си прави фризура. Но кога доаѓа клучниот миг на нивната средба, филмот завршува. Ни требаше доста пребарување по интернет за да сфатиме дали луѓето кои постојано се среќавале низ страниците на преводот конечно се сретнале и во живо. Можеби режисерот се поигрува со нас исто како Софија Копола во (симболично преклопување) - „Загубени во преводот“?
Илина, Букбокс
Целосната програма по денови на Македокс (од четврток, 17.8). „Сонувајќи го Мураками“ се прикажува на 21.8.