Легендата за жената со лик на свиња датира од 17 век, а се појавила истовремено во Холандија, Англија и Франција. Според неа, на бремена аристократка ѝ приоѓаат просјачка и нејзините деца, кои богатата жена ги исмева како „прасиња“, не покажувајќи ни ронка сочувство. Просјaчката ја проколнува госпожата, ако нејзината рожба биде женско, детето да биде здраво, но да има лице на прасе.
Жената раѓа девојче, и тоа на лик и во однесување навистина делува како прасе - јаде од сребрени чинии, но притоа испушта животински звуци. Единствено чаре за родителите е да ѝ најдат сопруг од „нивен сој“, и на тој начин да ја тргнат клетвата.
Иако се појавила во повеќе европски земји, легендата се задржала и станала популарна единствено во Англија и во Ирска. Во 1861 Чарлс Дикенс го забележал верувањето во „жената со лице на прасе“, коментирајќи ја неговата долговечност.
Во филмот „Пенелопа“ на Марк Палански, Кристина Ричи ја игра ќерката со прасечки нос родена во богатото семејство на Вилхернови. Клетвата овој пат е фрлена поради тоа што нејзин предок се заљубил и ја затруднил слугинката Клара, но по противењето на семејството, сепак не ја зел за жена. Клара се самоубила, а нејзината мајка, градската вештерка, го проколнала семејството со тоа следното девојче да се роди со прасечко лице. Единствениот начин клетвата да се тргне е „еден од нејзинот сој“ да научи да ја сака.
Пет генерации Вилхернови раѓаат само синови, до Пенелопа. Родителите толку се срамат од неа што за да се заштитат од медиумски скандал лажираат нејзина смрт и закоп. Сепак, не се откажуваат од можноста да ја анулираат клетвата со тоа што ќе ја омажат за богаташ. Минуваат 7 години на „аудиции“ за зет, кои секогаш завршуваат на ист начин - со тоа што кога ќе ја видат невестата кандидаите избезумено бегаат, дури и фрлајќи се низ прозорец.
Решавајќи дека ќе ја земе судбината во свои раце, Пенелопа бега од дома и шета со шал врз носот низ Лондон. Така, без помош ни на родителите ни на несудениот маж, таа успева да се ослободи од клетвата во моментот кога ќе рече: „си се сакам онаква каква што сум“.
Педагошките аспекти на вака раскажаната бајка во современ контекст се очигледни - за една млада девојка е најважно да најде внатрешна сила да ги надмине замислените или реални физички пречки кои треба да се надминат за на површината да избие нејзиното вистинско независно и еманципирано „јас“. Ова во филмот е навистина направено на моменти несмасно: како тоа девојка која 25 години не излегла од дома веднаш се снаоѓа среде урбаната џунгла? Зошто 90% од актерите кои играат богати Британци среде Лондон се Американци? Но ова е бајка, комбинација на „Грдото пајче“ и „Пепелашка“, а во бајките необичното и „нелогичното“ не се доведуваат во прашање.
Сепак е испуштена шансата за уште еден педагошки аспект, кој не е присутен ниту во содржината, ниту во критиките (главно негативни) за филмот, а тоа e неговата поврзаност со фолклорот и со векови старата легенда за клетвата упатена кон снобовите и несочувствителните, кои ако не се однесуваат како што би требало да се однесува еден човек, тогаш се - свињи.
Илина, Букбокс