Елизабет Зот (Бри Ларсон) е убава русокоса талентирана за хемија, која поради сексуално малтретирање од надреден го напуштила факултетот пред да го заврши својот докторат. Ја запознаваме во моментот кога работи како лабораториски асистент среде тим научници кои според способностите не можат да ѝ носат ни вода, а камоли од специјалното, лабораториски дестилирано кафе, какво што таа им подготвува.
Единствен кој на неа гледа како на вистински соработник е откачениот доктор Калвин Еванс, ѕвезда на институцијата. Неговите каприци, никој да не му влегува во лабораторијата и да не учествува на здодевните административни состаноци, се толерираат бидејќи неговата генијалност носи проекти и пари. Тој и Елизабет почнуваат да работат на заеднички проект во текот на кој и се расправаат и се зближуваат, до момент кога таа се вселува кај него. Но токму тогаш се случува нешто што ја прекинува идилата. Таа мора да продолжи да се бори во патријархалниот свет, непланирано станувајќи позната ТВ водителка на шоу за готвење, кое истовремено е и едукативно за американските домаќинки кои не знаат многу за хемија.
Во голема мерка серијата делува како нешто веќе видено во контекст на критиката на 1950-тите и американскиот расизам и сексизам („Мед мен“, „Господари на сексот“, „Прекрасната госпоѓица Мејзл“). Предноста е што темата хемија до сега не била основата на ниту една слична серија, па сите тие епрувети, формули и елементи од периодниот систем ѝ даваат одреден шарм, особено кога се поврзани со подготовка на совршена пита со боровинки или печена кокошка.
Со маргинализираната позиција на Елизабет веројатно можат да се идентификуваат голем број истражувачки и денес. За нив таа е совршен модел - храбра, грижлива, со јасен морален компас. Тоа што на момент авторите одлучуваат наместо неа во центар да стават куче што зборува е минлива, иако голема грешка. А истото важи и за одлуката книгата да биде преточена во серија, затоа што постегнатиот пристап кон ликовите и нивните приказни веројатно ќе превенираше непотребни развлекувања и дефокусирања од главната порака: во основа на сè е промената, а дали онаа посакуваната ќе се случи побрзо или побавно зависи од нас, нејзините активни агенси.
Илина, Букбокс