„Ги сакам моите собни растенија затоа што ми пружаат естетско задоволство. Одбегнувам да им давам човечки карактеристики и да тврдам дека тие имаат чувства, онакви какви што ги имаме ние. Не можам ни да претпоставам како е да си на нивно место“.
Вака отприлика вели еден од протагонистите на „Ним им треба светлина“ (во разговорите по филмот означен како „оној со дупнатата чорапа“), филм посветен на растенијата со кои го споделуваме интимниот и работниот простор и чие присуство нè потсетува, скромно но сепак значајно, на нашата врска со природата.
За луѓето - сопственици на растенија во филмот не дознаваме многу, во смисла на нивна професија, образование, потекло. Понекогаш дури не им ги гледаме јасно ни лицата (оттаму и асоцијацијата со чорапата). Нивното присуство се должи исклучиво на тоа што тие можат да зборуваат, а растенијата не. Некои се професионални градинари, други љубители, трети некогашни случајни добитници на мал „бенџамин“ кој во меѓувреме станал дел од нивната биографија, исполнета со селења и спомени на оној кој им го подарил. Секојдневната задача на човек чие официјално работно место е „библиотекарски помошник“ всушност е да ги обиколува, прска и плеви огромните растенија распоредени низ објектот, некои од нив спасени од корпите за отпад на вработените кои се откажале од своите канцелариски пајташи во моментот кога им пожолтел првиот лист. Брачен пар кој живее во стан преполн со растенија се расправа дали едно од нив е нападнато од некаква болест и дали треба да се отстрани или израстоците се „нормални“. Друг пак речиси половина век одгледува бонсаи и се прашува што ќе биде со нивната колекција откако ќе починат.
Страната на луѓето делува фино сработена и визуелно претставена. Онаа на растенијата делува збунувачки, со замислени дијалози помеѓу авторката и нив на тема „Што е фотосинтеза?“ и симулирани муабети помеѓу самите растенија, на кои не им е јасно како се нашле во тие простории, од каде всушност потекнуваат и зошто нивните сопственици имаат потреба да ги класифицираат и да им даваат неразбирливи латински имиња. Некако е и јасно зошто овој дел не можел да биде подобар, затоа што реално ние малку знаеме за тоа како растенијата ја чувствуваат кохабитацијата со нас, освен преку видливите екстреми - кога ќе се исушат или кога нивните нови зеленила и цветови радосно ќе избијат. Дали со тоа што ги ставаме во саксии и го ограничуваме нивниот раст всушност ги малтретираме за наш ќеф? Ова се прашува дури и одгледувачот на бонсаи, ултимативното намерно минијатуризирање на секаков вид дрвја. „Па како инаку ќе видеше свет ова дрво од Шпанија?“ - се шегува тој, додека жена му се придружува на смеата. Бонсаите мудро молчат. Или барем не ги слушаме.
Последица по гледањето на овој филм е што барем неколку денови може ќе покажете малку повеќе нежност кон вашите „цимери“, доколку имате склоност повремено да ги игнорирате. Нема да ја насочувате климата да дува директно во нив, ќе внимавате на количината вода и распоредот на наводнување, ќе ги расадувате ако саксијата им станала претесна. Некои од нив, како и некои луѓе, додуша подобро виреат ако не им се обрнува внимание (познато во градинарските кругови како - they thrive on neglect). Ќути, среќа.
Илина, Букбокс