Букбокс гледаше на Киненова: „Чувари на формулата“ (2023)

Доколку е добро направен, филм за до сега нераскажана епизода од релативно блиското минато, која содржи доволно елементи на политички трилер и човечка драма, не може да не е успешен. Така е и со оваа екранизација на роман за „српскиот Чернобил“, кој ја доби главната награда за најдобар филм на вчера завршениот фестивал Киненова. 

15 октомври 1958. На Институтот за нуклеарни науки во Винча се случува хаварија - истекува радиоактивен материјал од тогаш новиот нуклеарен реактор, прв во тогашна Југославија. Озрачени се шестмина истражувачи, итно префрлени во Париз на лечење во болницата Марија и Пјер Кири. 

Докторот задолжен за нив, онкологот Жорж Мате врз петмина од нив врши прва успешна трансплантација на коскена срж која вклучува луѓе кои не се меѓусебно роднински поврзани. Во случајов донатори биле „обични“ граѓани на Париз, кои тоа го направиле од хумани мотиви, иако биле свесни дека донирањето можело да ги чини живот.

Книгата „Случајот Винча“ на докторот и писател Горан Милашиновиќ од 2017, како и овој филм во режија на Драган Бјелогрлиќ а по сценарио на Вук Ршумовиќ и Милашиновиќ како ко-сценарист, се обидуваат да ја пополнат празнина во историската меморија, не само на тогашна СФРЈ туку и на светот. Таа се фокусира на човечките приказни но и на поширокиот историски контекст, во кој во комплет со физиката и медицината доаѓаат разузнавањето, Студената војна и политиката.

Според истражувањата на Милашиновиќ, неспорен факт е дека Југославија во тоа време имала намера да направи атомска бомба. За таа цел формирала Агенција за нуклеарна енергија на чие чело во политичка смисла бил Александар Лека Ранковиќ (го игра Бјелогрлиќ), а главен истражувач најпрвин бил Павле Савиќ (Мики Манојловиќ, тука во епизодна улога). Целата идеја наводно потекнувала уште од 1948 од Милован Ѓилас, кој таа 1958 е веќе во затвор како политички дисидент. Откако Савиќ ја сфатил целта на проектот истапил против идејата, по што е сменет. Оние кои дошле по него, иако политички подобни, биле наводно помалку стручни, поради што и дошло до инцидентот, кој долго време бил криен. Во тогашните југословенски медиуми излегувале штури извештаи за него, а кога еден од истражувачите починал „Политика“ пренела само кратка вест, без наведување на причината за смртта. Од Париз е донесен во метален ковчег, а на семејството му било забрането да го види телото. 

Но и помнењето на Франција за подвигот на Жорж Мате е прилично замаглено. Откако учествувал во француското движење на отпорот во текот на Втората светска војна, тој завршил медицина и започнал со пракса по имунологија и онкологија во Њујорк, специјализирајќи во областа на детската леукемија. Во филмот тој е претставен во фаза кога неуспешно пресадува коскена срж помеѓу стаорци, а шестмината југословенски истражувачи му стануваат првите човечки пациенти. Експерименталниот третман кој денес би заглавил во бирократскиот лавиринт и веројатно никогаш не би се случил (поради дозволите од различни Етички комисии), резултирал со пет спасени животи, но и нешто многу повеќе од тоа - врз база на овие случаи е развиена имунотерапија за пациенти со различни видови пресадувања, рак или леукемија. Како што вели и телопот на крајот на филмот, „од необични причини Мате никогаш не добил Нобел за медицина“. 

„Чувари на формулата“ го поседува и супер-херојскиот наслов и формулата за вистински хит, и тоа не само регионален со оглед на големиот број балкански ко-продуценти. Во него повеќе се зборува на француски отколку српски, а помеѓу француските актери го препознавме Алексис Маненти кој го играше полицаецот во одличниот Les Miserables. Тоа додуша не е прв филм кој ја обработува оваа тема, како што се вели во дел од објавите, бидејќи во 1976 е снимен југословенско-францускиот „Озрачени“ во режија и по сценарио на Жерар Пото, кој сепак не добил должно внимание. Со „Чувари на формулата“ сигурно ќе биде поинаку, бидејќи тој веќе почна да собира награди, а веруваме дека ќе биде и комерцијално успешен, пренесувајќи ја хуманата порака за солидарност и предупредувањето од често смртоносната комбинација на политика и наука.



Илина, Букбокс
19 октомври 2023 - 11:45