Ако добро броиме, „Убиец на цветната месечина“ е 26-ти игран филм на Скорсезе, негова шеста соработка со Ди Каприо, десетта со Роберт Де Ниро и дванаесетта помеѓу режисерот и композиторот Роби Робертсон, кој почина два месеци пред премиерата во Кан во мај, на кого му е и посветен филмот. Долго очекуван во кино салите, ова е епски криминалистички вестерн за вистинска драма која се случувала во Оклахома во 1920-тите, а се однесува на домородното северно-американско племе Осејџ од семејството Сијукси.
Филмот започнува со иронична ситуација - членовите на племето се присилно исселени од нивните домородни територии во Канзас, далеку во Оклахома. Но токму оваа нова земја која на прв поглед делува како пустелија излегува богата со нафта. Така, тие во 1920-та стануваат најбогатите луѓе во САД. Почетните сцени каде се возат во кочии, богато облечени и со бели слуги од денешна гледна точка делува како Скорсезе да си поигрува со нас, замислувајќи го минатото во клучот на „што би било кога би било“.
Но богатството било реално - секој член на племето добивал дивиденди од извадената нафта, што секако го привлекло вниманието на белите доселеници, кои почнале да коват планови како да зграпчат дел од колачот, постепено потиснувајќи ги домаќините.
„Потиснување“ е всушност благ збор за она што почнало да се случува, а вклучувало неочекувана смрт на десетици луѓе од племето, што од отров, што од експлозии, што од некаква мистериозна болест. Локалните „истраги“ не воделе никаде и иако по некое време станало јасно дека не е можно да станува збор за коинциденции, племето немало кому да му се обрати.
Поднасловот на истоименото историско-есеистичко дело според кое е правен филмот, „Убиствата на членовите на племето Осејџ и раѓањето на ФБИ“ се однесува на момент кој се случува дури во последната третина на филмот кој трае три и пол часа. Откако локалното население се организира да бара помош од тогашниот претседател на САД, Калвин Кулиџ, федералното Биро за истражување (во тоа време BOI) го праќа агентот Томас Брус Вајт сениор и група истражители во Оклахома, да видат што се случува во „земјата на Осејџ-ите“.
Сите патишта на истрагата водат кон Вилијам Кинг Хејл (1874-1962), американски политичар и криминален „бос“ (го игра Де Ниро), кој изгледа како вистински господин човек, постојано глуми дека им помага на домородците а всушност заработува со осигурителни измами и убиства. Бидејќи правата на земјата не можат да се откупат, туку само да се наследат, тој го користи бракот на негов роднина (Ди Каприо) со жена од племето (Moли Кајл, фотографија горе, ја игра прекрасната Лили Гладстоун) како начин да дојде до неа и до парите од нафтата. Ама за нешто да се наследи, прво треба некој да умре...
И покрај тоа што се однесува на конкретни, а помалку познати настани од американската историја, филмот прераснува во универзална приказна за алчноста, експлоатацијата и макијавелистичкото остварување на целта, дури и по цена на животот на најблиските. Моќта на Де Ниро врз неговиот внук е толку голема што речиси до крајот на филмот очекуваме дека вториов конечно ќе доживее катарза и ќе го крене гласот, спасувајќи го сопственото достоинство но и животот на семејството. Без оглед што на крајот тоа се случува, неправдите и злосторствата направени во тој период се уште фрлаат голема сенка врз ситуацијата на домородното население на истите територии денес.