„Имав 19 терапии со електро-шокови. Два пати се обидов да се убијам. Мило ми е што мојата невиност сега е докажана. Но мојот живот никогаш нема да биде ист“.
Вака гласи изјавата на една од жртвите на Поштенскиот скандал во Британија кој помеѓу 1999 и 2015 опфатил повеќе од 900 раководители на локални пошти кои биле неправедно обвинети за кражба, измама и сметководствени грешки. До таа, 1999 година, луѓето си воделе сметка за влезот и излезот на парите на старовремски начин - на хартија со моливче. Никогаш не им се случило да имаат кусок средства. Нивниот статус во заедницата бил висок - поштата не била само институција каде се доаѓа да се подигне пензијата или да се прати писмо, туку и место на средби, разговори, совети. Нештата биле идилични, сè до моментот кога во приказната се замешува „Хоризонт“ - компјутерски софтвер кој бил инсталиран во поштите низ земјата, со само кратко објаснување, практично наредба, дека компјутерот ќе го замени моливчето и хартијата.
Новата мини-серија „Г-дин Бејтс против Поштата“ го опишува пресвртот кој се случил набргу по ова, а кој влијаел врз животите на стотици поштенски работници и нивните семејства. Имено, уште по првиот месец салдото на раководителите им излегувало во минус. Се обиделе да побараат помош, но им било кажано дека нивниот случај е исклучок и дека парите ќе мораат да ги вратат од џеб. Уплашени, некои од нив навистина продале што имале или побарале донација од заедницата, за да надоместат илјадници фунти во сефот. Но ова не било крај. Следниот месец кусокот се повторил, и тоа со уште поголеми цифри. Ова е време пред социјалните мрежи и масовното комуницирање преку електронска пошта, па луѓето биле уверени дека се навистина единствени и сами во приказната.
Но еден човек го променил ова. Неговото име е Алан Бејтс и тој, ангажирајќи и професионални проценители и правници, успеал да формира група од дури 550 тужители и да поднесе тужба против Поштата, барајќи да се дознае вистината. Преку интервјуа, исечоци од телевизиски емисии, вести и играни сцени гледаме како институција која би требало да биде окосница на социјалниот живот на една земја - поштата - станува гнездо на корпоративна алчност и измама. Секако, полесно е да се обвинат анонимни поштенски работници од провинциски гратчиња, кои немаат пари ни врски во високите ешалони, отколку да се признае сопствената грешка. А таа всушност се состоела од багови во софтверот Хоризонт на Фуџицу, јапонската компанија која се уште (?!) го продава на британските пошти.
Фактот што жртвите успеваат да го добијат случајот (иако некои се се уште во тек) е повод за радост. Но фактот пак дека тоа се случува по дваесет години и по живот поминат во сенката на обвинувањето и срамот, во одделни случаи банкротот и нарушеното здравје, е навистина тажен.
Илина, Букбокс