Во „Безобразни писменца“ на режисерката Теа Шарок, Едит Свон (ја игра прекрасната Оливија Колман) живее со своите возрасни родители на Вестерн Роуд број 47 во Литлхемптон, Сасекс. Нивниот навидум мирен живот на посветени верници е нарушен од анонимни писма, преполни со сочни навреди и сексуални алузии. Главната осомничена станува нивна комшивка, Роуз Гудинг (Џеси Бакли), тазе дојдена од Ирска, наводно вдовица со малолетна ќерка, која и онака е „пис“ на јазик, кисне по кафани и толку вика при секс што се тресат распетијата во соседните куќи. Подобар „фото-робот“ на некој што би можел да ги вознемирува богољубните Сванови и останатите жители кои добиваат писма со слична содржина, едноставно нема.
Изразите „ебена мокра вреќа со кокошкина мочка“ или „стара лисица од курва“, се во огромен контраст со сивото секојдневие на заедницата, однадвор конзервативна и смерна, а од внатре полна со тензии и фрустрации. Во една таква ситуација најлесно е да се обвини аутсајдерот, па уште и жена, па уште и не-Англичанка. Аргументот на Роуз дека нема потреба да пишува писма бидејќи слободно го кажува она што го мисли не се важи како одбрана. Долго време не игра улога ни нејзиниот полуписмен ракопис, наспроти убаво орнаментираниот фонт на писмата, за што е очигледно потребна искусна рака. Таа е најпрвин затворена на четири месеци, до судењето кое ќе ја открие вистинската „мрсна“ авторка. Најголема улога во ова има полицајка по име Гледис Мос, која не може да се помири со тоа дека некој може да биде осуден врз основа на впечаток, а не на докази.
Иако реален, овој случај до скоро не беше познат ни за британската ни за светската јавност. Праксата на пишување безобразни и навредливи писма добила и свое име - „затруено пенкало“. Иако на времето дијагнозата била „сексуална манија“, тие всушност ги отсликуваат длабоко потиснатите трауми кои ги создаваат ваквите мали, ригидни средини, во кои омразата кон другите, но и кон самиот живот кој изгледал непроменлив, едноставно морала некако да избие.
Илина, Букбокс