Приказната веројатно сте ја слушнале, а можеби и гледале во други филмски и телевизиски изданија. Авионската несреќа и чудесниот опстанок на дел од патниците на летот од Монтевидео до Сантјаго од октомври 1972, е влезен во историската и во популарната меморија како херојска приказна за поместување на границите на човечката истрајност и преживување во екстремни услови. Но она што го прави посебно интересен, е централната етичка дилема - дали прекршувањето на најголемото табу на современиот свет, јадењето човечко месо, е оправдано доколку треба да се преживее 72 дена на температури од -35 степени, среде бела пустина.
На овој настан му е посветен нов филм на Нетфликс, „Општество на снегот“, кој е шпански кандидат за Оскар, и кој беше номиниран за најдобар странски филм на неодамна одржаните Златни глобуси. Следејќи прилично стандардна наративна линија, тој нè запознава со главните протагонисти во моментот кога тие тргнуваат на долго посакуваниот пат, земајќи со себе и пријатели и членови на семејството за да можат да го пополнат авионот. Несреќата се случува поради лоши временски прилики, но и поради пилотска грешка. 12 патници и членови на екипажот умираат во текот или веднаш по ударот, а од останатите 33 голем дел се со скршеници или сериозни повреди. Двајца од патниците се студенти по медицина кои помагаат онолку колку што можат во такви околности. Сета облека, ќебиња, столици и други предмети се користат за затворање на дупката од трупот на авионот, за преживеаните да можат да ја издржат ноќта стуткани еден до друг.
Во меѓувреме веста за исчезнатиот авион се шири, а претпоставката е дека тој се срушил во недостапен дел на Андите на чилеанска страна. Она што патниците и спасителите не го знаеле е дека авионот паднал во Аргентина уште пред да премине во Чиле и тоа на само 21 километар од напуштен хотел, Термас ел Соснеадо, кој можел да обезбеди некакво засолниште поради пониската надморска висина. Оваа погрешна претпоставка и тешките услови за пребарување прават потрагата да биде прекината по 11 дена. Планот е таа да продолжи во декември по топењето на снегот, но тогаш би била не по преживеани, туку по нивните тела.
Во меѓувреме ги следиме напорите за преживување на луѓе од кои повеќето цел живот поминале крај море и никогаш не ни виделе снег. Тие почнуваат да импровизираат, правејќи наочари од стаклата со УВ заштита на авионот и зашивајќи ги на делови од женски градници. Наоѓаат транзистор на кој додаваат импровизирана антена, и на истиот ја слушаат веста дека потрагата е откажана. Еден од членовите на рагби тимот тогаш им го пренел ова на останатите на овој начин: „Добри вести! Потрагата е откажана. Добра е затоа што тоа значи дека од тука ќе излеземе сами.“
Во моментот на несреќата групата има на располагање осум чоколади, три мали тегли џем, конзерва школки, малку бадеми, урми и суви сливи. Некои од преживеаните јаделе по една кикиритка на три дена. Во околината немало ништо што растело или се движело. Кога снемало храна почнале да го јадат памучното полнење на седиштата, врвките и кожата од чевлите. Во еден момент станува јасно дека замрзнатите тела на сопатниците се единствен извор на протеини. Филмот се задржува на oва прекршување кај преживеаните - најхрабрите се нафаќаат да го „подготвуваат“ оброците, така за тие да личат на обично парче месо. Некои долго време даваат отпор. Но преодот од крајно ненормално во обично е релативно брз и внатрешно оправдан со екстремните околности, во кои дури и Бог би простил едно вакво дело, во име на животот кој продолжува.
Во реалноста преживеаните по 72-дневната одисеја најпрвин изјавиле дека преживеале јадејќи сирење и локална вегетација. Но фотографии од лице место, на кое веднаш потрчале куп новинари, покажувале поинаква слика. По првичната шокираност на јавноста, помогнале сведоштвата за согласноста на дел од жртвите, нивното тело да биде искористено за преживување на останатите. Голем дел од 16-те преживеани низ годините имаат објавено книги или се портретирани во филмови и на телевизија (4 играни филмови и 9 документарци). Нивната приказна е опишана како симбол на она што може да се постигне со одлучност и солидарност во остварување на заедничка цел. Но таа, во контекст на насловот, е и филозофски интересна - кога едно „општество“ престанува да биде тоа и дали истата дефиниција за доброто, морално исправното и дозволеното важи и во околности во кои нештата се доведени до екстрем. Според сведоштвата, а и според филмот, настраданите и преживеаните од уругвајскиот лет сепак останале „општество“ до крајот.