Годината е 1630. Јапонија од период на хаос влегува во оној на Едо, време кога владее изолација од надворешниот свет, стабилност, процут на уметноста и културата и долготраен мир.
И сето ова би требало да е добра вест. Но не и за воените „специјалци“ - самураите. Тие, освен со боречките, не располагаат со други вештини, а и местото во социјалната хиерархија не им дозволува да прифатат „недостоинствени“ ангажмани.
Очајни, некои од нив играат на картата на „харакири блеф“: доаѓаат на имот на богат клан и бараат дозвола тука да извршат самоубиство, достоинствен чин за кој не личи да се oдвива на улица. Домаќините главно не сакаат да се вознемируваат со вакви глетки и чистење распрскана крв од бекатонот, па обично му му нудат пари на некогашниот самурај за да си најде друго место да си ја распори утробата.
Кога парталав ронин по име Цугумо Ханширо ќе пристигне во вилата на господарот Ији и ќе побара да го стори истото, на вториов му е веќе преку глава од блефери. Сепукуто (како што и гласи оригиналниот наслов на филмот) е свет чин, а не вулгарен метод за изнудување пари. Ова, на потешкиот начин, го научил претходен посетител на истиот имот, младиот Чиџива Мотоме, кој откако му било дозволено да изврши самоубиство малку се премислил. Барал два-три дена поштеда, со ветување дека ќе се врати и дека ќе го одржи ветувањето. Но ова не му било дозволено. Ретроспективните сцени на неговото самоубиство се едни од најдраматичните што сме ги гледале на филм, а стануваат уште пострашни кога низ она што следи ќе ја дознаеме пошироката приказна.
Филмот е дело на Масаки Кобајаши, кој е режисер и на деветчасовниот епски филм „Човечката состојба“ (1959-1961), следен на список за гледање. Јапонските уметници често ги слават самурајските традиции како херојски - писателот Мишима отиде до таму што самиот изврши сепуку во 1970 после пропаднатиот обид неговата мала приватна армија да ја возобнови царштината. Но Кобајаши го прикажува самурајскиот код како фарса, комбинација на желба за добивка и статус затскриени зад маската на честа и принципиелноста. Една од централните фигури во филмот воопшто не е човек, туку самурајска „кукла“ во човечка големина, поставена на нешто што личи на трон, кон која сите се однесуваат со обреден восхит. Облечена во сјаен оклоп, таа станува куп слама и партали кога ќе биде пресечена на пола во општата тепачка.
Иако сместена во феудална Јапонија, приказната е универзална и зборува за големи теми. Што е поважно, етичкиот кодекс на професијата или семејството? Каков отпор може да пружи поединецот кон авторитарен систем слеп за неговата мала приказна? Како Шехерезада во „1001 ноќ“, главниот наратор ги држи богатите домаќини но и гледачите во постојана тензија, додека спокојно и во манир на човек кој е на последна, и буквално самоубиствена мисија, ги открива сите слоеви на приказната. Во неа, ни кинематографски, ни сценаристички, нема вишоци - како оброк направен од врвен суши мајстор, кој додека го вкусувате ве гледа право во очи, проценувајќи дали сте достојни за неговата вештина. Ако притоа му побарате екстра соја сос, следи убод од бамбусово стапче, директно во око.
Во 2011 е снимен римејк во 3Д, прв снимен во ваква техника прикажан на филмскиот фестивал во Кан, со музика од Руичи Сакамото, во кој една од улогите го игра Коџи Јакушо којшто го гледавме на Синедејс во „Совршени денови“ на Вендерс. Веруваме дека филмот во колор и со три-де ефекти би бил интересен, но минимализмот на оригиналот е едноставно незаменлив.
Илина, Букбокс