Доброто, лошото и грдото: лажното интервју со Клинт Иствуд

Приказната оди вака: австриски весник објавува интервју со Иствуд кое станува вирално. Набргу потоа славниот актер и режисер излегува со соопштение дека целата работа е измислица. Не дека е прв пат да се лиферува лажна вест во медиуми, ама оваа откри некои поскришни аспекти на тоа како функционира публицистичката машинерија зад славните личности и под каков притисок се новинарите во оваа „ниша“.

Не е изненадување што наводното интервју на австрискиот весник Куриер од 03.06. со Клинт Иствуд стана вирално. Разговор со 95-годишна филмска легенда што упатува сериозни критики кон современата кинематографија неминовно привлекува внимание – особено во период кога филмската индустрија е во „мртва сезона“, меѓу Канскиот фестивал и почетокот на летните блокбастери. И додека интересот за „Мишн импосибл“ стивнува, а „Лило и Стич“ доминира во кино-салите, медиумите се принудени да објавуваат сè и сешто за да ја пополнат празнината.

Во ваква медиумска суша, статија во која Иствуд им порачува на младите режисери да се освестат звучи речиси како скандал од размери на Вотергејт. Истата ја пренесоа реномирани агенции, како Ројтерс, којa потоа ја повлече. Но, самиот Куриер изгледа не очекувал ваков оддек, што и не е чудно, бидејќи делови од филмската новинарска машинерија се уште функционираат како да сме ерата пред интернет, кога немало Гугл транслејт, а интервјуа направени со години одназад лесно станувале „ексклузива“.

Весникот во својата изјава вели дека жали што написот бил претставен како интервју наместо како роденденски профил, и дека новинарката Елизабет Середа ги довела во заблуда за природата на пристапот што го имала до Иствуд – поради што весникот прекинува соработката со неа. Ако е точно, ова отвора многу прашања. Обично вакви интервјуа се договараат во координација меѓу уредници, уметнички директори, публицисти, агенти. Неверојатно е што никој не проверил каде, кога и како Середа всушност разговарала со голема, воздржана и многу возрасна ѕвезда како Иствуд.

Уште поинтересно е што весникот ја пофалува новинарката како искусен член на сега веќе распуштената Холивудска странска прес асоцијација – позната по доделувањето на „Златните глобуси“, но и по долга историја на обвиненија за корупција и недолично однесување. Токму поради такви сомнежи, наградите беа бојкотирани, асоцијацијата беше расформирана, а „Глобусите“ мораа да се преродат со нова структура.

Новинари како Середа, како и многу други во филмската сфера, често зависат од привремен и колективен пристап до ѕвезди за време на фестивали – со кратки, хаотични „раундтејбл“ интервјуа на кои учествуваат повеќе медиуми. Доколку некој е доволно упорен да ги следи сите фестивали и да остане во добри односи со неколку списанија и клучни публицисти, може и да преживее од оваа работа – но потребна е и извесна доза на ласкање. Самата Середа често објавува селфи фотографии со славни личности, било по повод нов филм, интервју, па дури и нивната смрт.

Во оваа сфера на новинарство, тоа не е ништо невообичаено. Дури и најреномираните новинари знаат да го прават истото. Еден познат автор, на пример, толку брзо објавувал фотографии со починати актери, што некои се шегувале дека можеби токму тој е заедничката нишка меѓу сите трагедии.

Целиот овој систем функционира благодарение на старата идеја дека клиентите (ѕвездите) сакаат нешто конкретно – отпечатен примерок со нивната фотографија на насловна страна. Иако онлајн вестите се далеку попосетени, за многу публицисти и понатаму поважно е што ќе се објави на хартија.

Во случајот со Иствуд, сепак, токму тој беше првиот што ја демантираше статијата, нарекувајќи ја „целосна измислица“. Изјавите навистина се негови, но дадени одамна – не за тој новинар, не за тој весник и не неодамна. А бидејќи Иствуд не даде интервјуа за својот последен филм „Поротник бр. 2“ (Букбокс осврт види тука), негови нови изјави би биле навистина ретка и вредна појава. Можеби причината за неговата реакција е страв дека старите цитати ќе се интерпретираат како критика кон шефот на студиото Ворнер, Дејвид Заслав, со кого, наводно, имал несогласувања. А можеби, едноставно, во својата десетта деценија, тој е повнимателен и посвесен од сите нас.

извор

5 јуни 2025 - 09:03