
Низ целата човечка историја се проценува дека биле ископани 216.265 тони злато. Ставено на едно место, би го собрало во коцка со раб од 22 метри. Отпорноста на надворешни влијанија овозможува златото постојано да се рециклира. Поради тоа, мошне е веројатно дека секое парче накит денес содржи злато ископано уште пред нашата ера, претопено и прековано илјадници пати. Се проценува дека во накит има 97.149 тони злато, а уште 48.634 тони во прачки и монети.
Тоа е премалку во споредба со количеството скриено во Земјата.
Научници од Универзитетот во Гетинген пресметале дека во јадрото се наоѓаат 99,9999% од вкупното количество злато на планетата. Ако по некој случај резервите од јадрото излезат до површината, би ја позлатиле со слој од 46 сантиметри.
Научниците истражувале односи на изотопи од рутениум и волфрам во океанските базалти од островите Хаваи, Бафин, Галапагос и Реунион и заклучиле дека златото сè уште се пробива до површината преку вулканската лава, но во грамови. За да излезе целото, би биле потребни стотици милиони години.
Во појаси што се достапни за копање, според груби проценки, има уште 50.000 тони, најмногу во Јужна Африка. Во почетокот на овој век се експлоатирало повеќе од кога било низ историјата. Рекордот бил поставен во 2018 година: 3.656 тони.
Алтернативен пристап до злато обезбедуваат астероидите, како „16 Псајхи“ за кој се проценува дека содржи злато, железо и разни скапоцени и ретки метали во вкупна вредност од 700 квинтилиони долари.
******
Види: НАСА сака да се огребе од златниот астероид, ама не се надевајте на чек