
Последен школски ден годинава во Франција е 4-ти јули. Што значи дека на петти, започнува големиот егзодус кој редовно се случува секоја година.
Франција се празни, особено со оние кои имаат „стар крај.“ Меѓу оние кои ќе заминат ќе бидат многумина 7,3 милиони имигранти во Франција, кои сочинуваат околу десет проценти од населението, како и потомците на имигрантите, кои се многу милиони повеќе. Речиси една третина од децата родени во Франција во 2023 година имале барем еден родител роден во странство.
После неколку недели се враќаат, со куфери полни со она што во Франција најмногу им фали од дома.
Од Камерун носат путер од шea и прав од моринга. Од Турција - салца, оние со американски корени носат екстра јаки дезодоранси и ленти за белење на заби.
Патниците што се враќаат од Алжир ги полнат своите торби со урми, маслиново масло, локални бисквити, гренадин сода. И намаз од лешници наречен Ел Морџен.
Го произведува тамошна кондиторска фабрика и го има во две главни варијанти: какао-лешник, познат како „црн“, и крем-лешник, колоквијално познат како „бел“. За чудо, белиот е попопуларен од црниот, поради неговата свиленкаста текстура а вкусот наликува на полнењето од Киндер Буено.
Намазот дебитираше во 2021 година на алжирскиот пазар, каде што се продава за околу пет евра по тегла. Ел Морџен не се продава широко во Франција, но долго време е достапен во мали количини по малку повисоки цени, главно во независни продавници кои нудат производи од Северна Африка.
Лани летото го открија инфлуенсери и им паѓаа вилици од вкусот, потоа фамата се префрли во стандардните медиуми и стана голема. Почна да го снемува од рафтови, еден гранапџија се пофали дека продал илјада тегли за пет часа.
На почетокот на септември, во пристаништето Марсеј и на аеродромот Шарл де Гол, биле задржани првите пратки од намазот. Ги увезувале стандардни трговци кои претходно никогаш немале проблем со тоа. Не бил дозволен увоз со нејасни причини: на еден формулар, царинските службеници напишале дека производот веројатно „ги крши трговските права и дизајните на Фереро Групација“.
Тие се производителите на Нутела и секоја година во Франција продаваат по десетици милиони тегли.
Нешто подоцна, француското министерство за земјоделство ја формализираше забраната, но не заради повреда на трговска марка туку заради млекото во прав и сурутката, едни од состојките во алжирската тегла еурокрем. Законите на ЕУ строго го регулираат увозот на производи што содржат дури и мала количина млечни состојки а Алжир не е меѓу повластените земји.
„Очигледно барале алиби и на крај се фатија за млечните производи,“ велат од алжирската фабрика потсетувајќи дека истиот намаз, под истата регулатива, со години непречено се продавал во Франција.
Меѓу алжирските интернет корисници нема дилема дека забраната се должи на страв од конкуренција и од пораз на европската Нутела. По којзнае кој пат се потсетија на глобализираната економија во која постои слобода сè додека не се загрозат локални интереси по што на сила стапува протекционизмот.
Фереро е италијанска компанија со седиште во Пиемонт но најголеми потрошувачи на Нутела во светот се - Французите.