Дали знаевте дека наградите Тони се всушност именувани по жена?

„Театарските Оскари“ или наградите Тони, кои се доделуваат во различни категории за изведбите на Бродвеј, постојат од 1947 година. Сепак, ретко кој се прашува по кого е именувана оваа награда. Всушност, „Тони“ е скратено од Антоанета Пери, жена чие дело оставило траен белег врз театарската уметност.

Мери Антоанета Пери, по која е именувана престижната театарска награда „Тони“, чие доделување за 2025 се случи вчера (08.06.), е родена во Денвер во 1888 година. Рано била инспирирана од своите тетка и чичко, познати актери. На 11 години настапила на сцена, но родителите не ја поддржувале нејзината желба за актерска кариера. Наместо тоа, ја испратиле во Њујорк да студира пеење и пијано, што ѝ овозможило да остане блиска со театарот. На 18 години дебитирала на професионална сцена, но по свадбата со Франк Фреуаф во 1909 година, привремено се повлекла од глумата.

По смртта на својот сопруг во 1922 година, се вратила на сцената. Работела како актерка, а потоа се насочила кон режија и продукција. Во партнерство со познатиот бродвејски продуцент Брок Пембертон создала бројни успешни претстави, меѓу кои и славната „Харви“, добитничка на Пулицерова награда, која и денес редовно се изведува (има и филмска верзија со Џејмс Стујард). Пери ја режирала оваа претстава во време кога многу малку жени имале шанса да режираат на Бродвеј.

Покрај нејзиниот уметнички ангажман, таа била една од основачите на „Американското театарско крило“ (American Theatre Wing), организација формирана за време на Првата светска војна како помош за сценските уметници, која подоцна се посветила на хуманитарни активности и за време на Втората светска војна. Пери притоа играла клучна улога во создавањето на тн. Стејџ дорс кантинс — места каде што војниците добивале забава и поддршка пред да заминат на фронтот. Многу познати уметници, под водство на Пери, волонтирале за оваа кауза.

Починала од срцев удар на 58 години - знаела дека има здравствени проблеми, но била голема верничка и одбивала да оди на доктор. Нејзиниот долгогодишен пријател, Брок Пембертон предложил да се воспостави награда што ќе го носи нејзиното име. Веќе во 1947 година започнало доделувањето на наградите Антоанета Пери, попознати како Тони, во чест на нејзиниот придонес за театарот. Денес, нејзината работа и визија сè уште се чувствуваат во светот на театарската уметност.

9 јуни 2025 - 14:37