
Вечерта помеѓу сабота и недела 7 јуни нешто се случи по прв пат во историјата - во живо, за меѓународна публика, телевизиски беше пренесувана бродвејската претстава, „Добра ноќ и со среќа“, со Џорџ Клуни како театарски дебитант во главната улога.
Текстот ја прикажува вистинската приказна за американскиот новинар Едвард Р. Мароу, кој во 1950-тите се спротивставил на сенаторот Џозеф Мекарти, кој водел агресивна кампања против луѓе осомничени за комунизам во САД. Изборот токму конкретната претстава да оди на Си-ен-ен се толкува како отворена критика на актуелните Трампови „чистки“ и укинувањето на државната поддршка на голем број досегашни медиумски сервиси и јавни гласила.
Со аплаузи на отворена сцена беа наградени монолозите на Мароу (Клуни), „густи“ и авторитативни коментари на тогашната ситуација во САД, кои звучат применливи и денес, и во различни средини. Тие се всушност реалните зборови кажани во етерот на Мароу во емисијата „See it Now" која се смета за пресвртна точка во историјата на телевизијата, придонесувајќи кон падот на сенаторот и крај на ерата на макартнизмот.
Иако Клуни (заслужено) го презема сето внимание, една „улога“ е доминантна во претставата - онаа на сценскиот дизајн. Ова не подразбира некакви експерименти и акробации со менување на сценографијата, туку оптимално искористен простор и историска автентичност до последниот детал - дури и до предмети кои публиката воопшто и не ги гледа (но затоа ги гледаат актерите)!
Сценскиот дизајнер се вика Скот Паск и е претходен добитник на наградата Тони, но оваа година за него беше особено плодна, со две бродвејски премиери. Покрај „Добра ноќ...“ тој работеше на уште една „ретро“ сценографија за славниот текст „Гленгери Глен Рос“ со Киран Калкин, боб Оденкирк и Бил Бур (за којашто претходно пишувавме тука).
При дизајнирањето на студиото на Си-би-ес, Паск се инспирирал од вистинската локација — горните катови на станицата Гранд Централ, кои биле студио за емитување од 1939 до 1963 година. За таа цел, создаден е голем сводест прозорец што го претставува Гранд Централ, давајќи контекст и чувство за местото. Во „Гленгери Глен Рос“, пак, дејството започнува во интимен кинески ресторан, реконструиран согласно изглед од 1983 година, со цел да се создаде контраст со канцеларијата во вториот чин — студено, непријатно место во кое владее хаос.
Во интервју за Ел декор, Паск спомнува интересни детали. На пример дека во двете претстави се користела специјална ткаенина — Шумахер дамаск - наместо обичен тапет, бидејќи ткаенината овозможува богатство на длабочина и игра на светлина, давајќи чувство на старост и текстура на сцената. Битен е и еден обичен кактус поставен кај влезот во „Гленгери“ - симбол на обидот да се внесе живот во непријатен простор, како и старинските телевизиски монитори во „Добра ноќ...“, кои веродостојно го доловуваат времето на приказната. Мониторите не само што ја претставуваат идејата за телевизиско емитување, туку додаваат и суптилно чувство на надгледување, што дополнително ја збогатува сценската атмосфера.
И покрај тоа што претставата не доби ниту една награда Тони во категориите за коишто беше номинирана (види тука), се надеваме дека Си-ен-ен ќе ја репризира за уште еднаш, овој пат наспани, да можеме да ги забележиме сите детали во текстот и на сцената.