Поделба на улоги од соништата во нова изведба на „Гленгери Глен Рос“

Да се надеваме дека кога веќе не можеме да бидеме таму, некој ќе ни овозможи стриминг или барем снимка. Во тек на само 12 недели на Бродвеј ќе се прикажува нова верзија на легендарниот текст на Дејвид Мемет. Овој пат место Џек Лемон, Алек Болдвин и Ал Пачино во познатата филмска верзија, едни други многу јаки дечки.

За жал, поради авторски права на фотографиите не можеме да ви ја прикажеме оваа екипа од соништата на сцената на Бродвеј, како подготвува нова верзија на култната „Гленгери Глен Рос“ - драмскиот текст на Дејвид Мемет, за кој тој ја доби Пулицеровата награда во 1984. Во 1992 беше снимен антологискиот истоимен филм со ѕвездена екипа, составена од Алек Болдвин, Џек Лемон, Ал Пачино, Алан Аркин, Ед Харис, Кевин Спејси и други. Приказната за дубари што ги прават вработени во агенција за недвижнини ја отсликува суровоста на капиталистичкиот пазар и трагедијата на „малиот човек“ кој се обидува по секоја цена да го најде и одржи своето место во него. И покрај тоа што во филмот нема компјутери и мобилни телефони, дејството е динамично, а можеме да замислиме каква би била верзија снимена во 2025.

Засега сепак ќе се задоволиме со нова театарска верзија - премиера на Бродвеј која се подготвува за март 2025. Режисер ќе биде Патрик Марбер, а во неа ќе играаат Киран Калкин од „Сксешн“ како Рики Рома (што во фимот го играше Ал Пачино), Боб Оденкирк од „Бетер кол Сол“ и „Брејкинг бед“ во улогата на Шели Левен (Џек Лемон) и Бил Бур (треба ли да кажеме кој Бил Бур ? - патем и тој се појави во споредна во „Брејкинг бед“) како Дејв Мос (Ед Харис). 

За оние што можеби не се сеќаваат или не го знаат текстот, ГГР се одвива во забаталена агенција за недвижнини во Чикаго каде четворица трговци се натпреваруваат кој ќе продаде „бофл“ имоти на наивни купувачи. Најдобриот трговец добива кола (кадилак), оној кој ќе продаде најмалку губи работа. Ова создава тензична атмосфера која го вади најлошото од луѓето кои се обидуваат да се изборат за гол опстанок. 

Ова ќе биде враќање на Бродвеј за Марбер, кој во 2023 ја доби наградата Тони за претставата „Леополштад“. Калкин има глумено на Бродвеј еднаш претходно, а за Оденкирк, кој е ТВ ветеран, ова ќе биде прво појавување на театарската сцена. Ако некој реши да го поставува текстот по нашите театри би имал прекрасни опции за актери за спомнатите улоги. 

27 февруари 2025 - 10:04