„Еден здодевен и мрачен ден без ниту еден звук во есента од годината, кога ниските облаци натежнуваат на небесата, на самрак минував сам, на коњ, низ исто толку морничав дел од земјата, кога ја здогледав тажната Куќа на Ашерови“.
Вака започнува краткиот расказ на Едгар Алан По, објавен во 1839, според кој е направена новата мини-серија „Падот на Куќата на Ашерови“ (Нетфликс, режија Марк Фланаган и Мајкл Фимоњари). И покрај жанровската одредница „хорор“, поради што премиерата се случи околу Ноќта на вештерките, тука ужасот не е ни во мртвите тела, ни во исечените глави и во духовите на мртвите, туку во нешто друго - клетвата на големите пари заработени со фаустовски договор со „ѓаволот“.
Родерик Ашер (одличниот Брус Гринвуд) една ноќ, додека надвор стереотипно беснее бура, во куќа која навистина изгледа како од хорор филм, кани обвинител по име Огист Дупин, за по серија бизарни смртни случаи во семејството да му ја раскаже вистинската причина за нив. Од тука натаму, низ серија ретроспекции од подалечното минато (особено од новогодишна ноќ 1980-та), и од скорешни настани во кои умираат сите шест деца на Родерик, ги дознаваме деталите за проклетството кое ги следи Ашерови.
Всушност, насловот на мини-серијата составена од осум епизоди е само „чадор“ под кој се собрани поголем број дела на По, кои се истовремено и наслови на поединечните епизоди. Истовремено, во дијалозите умешно се користат стихови од неговата поезија, кои легнуваат во сценариото додавајќи малку рима и готичка егзотика. Но најинтересна е адаптацијата на ликовите на Ашерови и на изворот на нивното проклетство - фактот што се збогатиле со лекови кои ветувале смрт на болката, а всушност создале многу поголема болка за оние кои се навлекле на нив.
Кризата со опиоиди и критиката на „Биг фарма“ е одлична современа подлога врз која се гради приказната за Куќата - термин кој истовремено може да се сфати во смисла на „лоза“, но и на физичка куќа чие распаѓање го симболизира падот не само на конкретното семејство, туку и на светот, чии темели се веќе начнати од алчноста и бескрупулозноста на ликовите како Родерик и неговата сестра-близначка Меделин. Таа бескрупулозност е толку голема што Родерик е подготвен на одарот на својата амбиција да ги жртвува сите свои деца, свесен дека по неговата сопствена смрт Ашерови веќе ќе нема.
Сепак, не е целата вина во самиот Родерик. Како и во серијата „Сксешн“ (Букбокс осврт тука), во која децата на магнатот Логан Рој често го надминуваат својот татко во манипулациите и меѓусебните подметнувања, и децата (што брачни, што вонбрачни) на Родерик се заразени од вирусот на парата. Ова и покрај фактот што таткото прилично строго им доделува или не парчиња од профитот на Фортунато (иронично име на компанијата со значење „Среќни“) за нивните проекти. Всушност, целата низа смртни случаи почнува кога обвинителот, на судски процес кој се води против компанијата, соопштува дека меѓу нив има „крт“.
Но не е законот тој што ќе им пресуди на Ашерови. „Ѓаволот“ тука доаѓа во форма на паметна и силна жена, Верна, чие име на англиски е анаграм на Raven. Исто така црна и со моќ не само да ја пророкува судбината, туку и да ја остварува, таа ја истерува правдата - куќата се распаѓа, а на нејзино место се гради терапевтски центар за зависности. Духовите на мртвите сепак уште долго демнат, правејќи „некогаш“ од славното „никогаш“.
А Гарванот ни да претне, ниту пак за миг да летне
од бистата на Палада, туку како кобник створ
над вратата бдее, молчи, со поспани демон-очи,
И врз подот сенка дрочи, без да гракне ниту збор;
и врз таа сенка – темна, душава, знам, веќе нема,
да се крене. „Nevermore!”
Илина, Букбокс