„Сопранови“, „Брејкинг бед“, „Пики блајндерс“, „Мед мен“...Сите овие се серии чии ликови се повеќе или помалку одвратни, етички корумпирани, насилни, манипулативни, макијавелистички настроени. Па сепак, овие наводни антихерои не само што го задржуваат вниманието, туку имаат необична хипнотичка привлечност. Знаеме дека се такви, а сепак ги сакаме и навиваме за нив, дури и кога цената е да биде повреден некој друг, ним близок но сепак спореден лик.
Членовите на семејството Рој (синовите Конор, Кендал и Роман и ќерката Шиобан), на чело со патријархот милијардер Логан, се кој од кој подисфункционални, терсене, „оштетени“ од дрога и премногу пари, од целата таа дарвинистичка атмосфера која владее во високите бизнис кругови. Тие се ко-сопственици на глобален медиумски и забавен конгломерат, но во желбата секој од нив да се наметне како можен наследник на „стариот прч“, кој веќе има и очигледни здравствени проблеми, создаваат токсична атмосфера во која нештата како емотивна приврзаност, пријателство и „крвта не е вода“ се искривоколчуваат до непрепознатливост.
„Следоред“ е опишувана како сатира или мрачно комично ТВ шоу. Но оние кои ги имаат изгледано сите три сезони знаат дека тука, освен во ретки моменти, нема ништо посебно комично. Надмината е и границата на „хи-хи“ сатирата, затоа што и покрај тоа што повеќето од нас се далеку од светот на могулите, некако делува убедливо дека нештата опишани во серијата се можни и реални. Во конфликтот на еден од синовите, Кендал, со неговиот татко, се пресликува античка трагедија на судирот на старото и новото, на Едип и Лај. Останатите браќа, сестрата, зетот и помалку недоветниот братучед толку пати ги менуваат ставовите, страните и плановите, што е тешко воопшто да се опишат како целовити и доследни карактери. Всушност, во целата серија нема ниту еден единствен „позитивен“ лик, поточно таа крајно ја укинува таквата црно-бела карактеризација. Ликовите се флуидни исто какви што се околностите, а тие се сурови.
Од аспект на гледач, еден твит на комичарката Џулија Шиплет добро ја опишува ситуацијата: „Страдам од болест каде истовремено ги презирам и сакам да имам секс со сите во Сксешн“. Тие се можеби лоши, но нивната луцидност, рефлекси за опстанок и социјална интелигенција се такви што човек не може а да не посака да има барем некои од нивните карактеристики. Истовремено, гледањето на тоа какви маки имаат богаташите може да биде мала утеха за оние кои тоа не се - се чувствуваме етички супериорни во однос на одвратните ликови кои на секој втор збор се пцујат, се нарекуваат со погрдни имиња и во блиските не наоѓаат грам разбирање кое би им помогнало да станат подобри луѓе. Терапевтската компонента им се делегира („аутсорсира“) на институции каде што луѓето се платени за тоа - за исцелување на раните кои ги отвора семејството, што пак прави да сочувствуваме со најзагрозените кои залудно се обидуваат да пружат отпор (во случајов Кендал).
Уште од првите епизоди се тврдеше дека серијата црпи инспирација од Руперт Мурдок и односите во неговото семејство, со повеќе деца од различни бракови, па дури и со семејството Трамп. Но креаторот на серијата, Џеси Армстронг, како и актерот Брајан Кокс кој го игра Логан, велат дека ликовите се приказни сами за себе и за тоа какви можат да бидат или да станат луѓето во слични животни околности. Ќути што не сме како нив...
Илина, Букбокс