Калрсјон во Шведска е вистинско планинско место крај езеро, каде се планира да се отвори трговски центар со резиденцијален дел. Во моментот таму додуша има само мир, тишина, диви животни и бунгалови во кои тимот зад проектот треба да се собере за да го прослави успехот, а следното утро свечено да ги објави вестите на прес конференција. Притоа се планира фрлање и на првата лопата земја, а таа - лопатата - се носи во посебен куфер и сјае како злато.
Уште од првите сцени ликовите јасно се позиционираат на спектарот. Јонас е „мозокот на операцијата“, Ингела е негова десна рака, Кај е маргинализираниот кој во упикувањето кон шефот ја гледа својата шанса, Тор е „ех, во мое време“ тип, престар за да му е гајле за нешто друго освен за виното и чипсот. Помеѓу вкупно осумте вработени има и такви кои искрено се секираат за еколошкиот и социјалниот момент, но нивните забелешки брзо се потиснуваат. Единствено упорна да ја открие вистината зад проектот е Лина, која е вратена од подолго отсуство, како последица на крах поради преработеност. Иако по малку „отсутна“ и не баш расположена околу целата дружба, таа успева да ги поврзе конците и да сфати дека ветувањето за влегувањето на Икеа во наводниот трговски центар е лага, а дека фармерот кого го натерале да го продаде земјиштето во меѓувреме се самоубил.
Јонас повремено уфрла капиталистичко-мотивациски флоскули од типот "It takes money to make money" (Потребни се пари за да се направат пари) и "Dream work makes the team work" (Визионерството прави тимот да функционира), кои среде шведската шума кажани на лош англиски одекнуваат токму онакви какви што се - лажно и вештачки. Дури и одбраната маскота, чија појава ќе одигра суштинска улога во натамошното дејство, личи на пародија - момче насмеано од уво до уво со благо исплазен јазик, огромни очи, капче, пантолани до колена со два реда копчиња и елече кои оддаваат впечаток на народна носија и голем а-ла-Тор гумен и напумпан чекан. И сето тоа додека „носијата“ не биде заменета со маскирна униформа, а гумениот чекан со сè што може да сече, делка и убива, меѓу кои моторна пила, пента за чамец, срп, па дури и рибарски најлон-конец.
Тоа што од почеток е некако јасно кој е убиецот воопшто не влијае врз забавноста, и да, филмот и покрај сета таа крв и пискање е забавен и сатиричен. Тој е адаптација на бестселер роман на Матс Страндберг, кој доколу би бил преточен во американски филм ни од далеку не би бил толку убедлив. Тој најдобро функционира во средина која се обидува да ја имитира таа екстремно функционална деловна култура, ама некако не успева. Се додека не е соочена со прашање на живот и смрт - е тогаш тимската работа победува, затоа што помага и на опстанокот на поединецот.
Веднаш си направивме македонска верзија која би била пренајјака. Со многу „брат-брат“ и убиец со глава на маскота - Итар Пејо во мариовска носија (исто така со исплазен јазик), што ја подразбира и локацијата на трговскиот. Наместо шведски поп-хитови во позадина може да иде „Не си го продавај Кољо чифликот“. Па кој сфати, сфати.
Илина, Букбокс