Гледанка

„Приказна од западната страна“ (2021)

Минатата година имаше дури три филмски мјузикли. „Анет“ собраа куп европски награди, а „Сирано“ е номиниран за Оскар за најдобри костими. Но „Приказна од западната страна“ има седум номинации, а од нив некои статуетки се речиси сигурни. Како тргнало, можеби следната година ќе гледаме нова верзија на „Футлуз“?

Букбокс гледаше: „Скала“ (2021)

Романски филм, кој низ сложен преплет на историски и интимни драми, ја раскажува вистинската приказна за животот на Драгош Паслару, познат актер од времето на 1990-тите, кој по бурните настани поврзани со падот на Чаушеску станува отец Валеријан.

„Куќата Гучи“ (2021)

На почетокот на новиот филм на Ридли Скот стои титл - „Инспирирано од вистинскаТА приказна“. Членувањето на „вистина“ претпоставува дека има само една таква, до која филмот наводно се придржува. Изедначувајќи ја реалноста со митологијата за моќното семејство Гучи, тој го прави она што всушност го правеле и неговите членови. Сè додека митот не се распаднал од внатре.

Вистинската приказна зад мини-серијата „Градинарите“ (Landscapers)

Брачниот пар Сузан и Кристофер Едвардс во моментов отслужуваат казна од 25 години затвор за убиство на мајката и таткото на Сузан. Оваа серија сепак не е типична крими приказна.

„Следоред“ или феноменот на фасцинираност од одвратни ликови

На вчерашното (9.10) доделување на Златните глобуси, серијата која кај нас е преведена со необичниот термин „Следоред“ (Succession) беше номинирана во неколку категории, а доби Глобус за најдобра серија од жанрот драма. Иако не е ни прва ни последна чии ликови се морално сомнителни, оној кој ќе заглави до доцна ноќе гледајќи ги „византиските“ сплетки на семејството Рој, чии членови си се пострашни внатрешни душмани од оние надворешните, не може а да не се запраша - зошто побогу го гледам ова?

„За едно сум сигурен“ (минисерија, 2020)

Тешка тема за психичко растројство, семејно насилство и обидот еден човек да пронајде смисла во реалност која се распарува по сите шавови. Микродозирањето со една епизода во интервали од по неколку дена сепак ја открива сета раскош на талентот на Марк Рафало и на приказна која зборува за повеќе отколку за поединечна судбина.

Букбокс гледаше: „Не гледај нагоре“ (2021)

„Космичка катастрофа“. „Тик-тик, бљак!“. Ова се наслови на критики за филмот со импресивна листа актери и многу реален опис на политичка, медиумска и ментална апокалипса која самошто не се случила.

Букбокс филм на годината: „Вози ја мојата кола“

Во 2021 имаше добри филмови. Oпоравувајќи се од шокот на пандемијата од претходната година и прилагодувајќи се на новите околности, шоуто продолжи. Но покрај визуелните спектакли како „Дина“ или „Француско дописништво“, имаше и потивки и минималистички, но всушност поамбициозни филмови. 

Вистинската приказна зад „Последниот двобој“ на Ридли Скот

Направен врз основа на истоимена книга на Ерик Џегер од 2005, ова е филм за една историска мистерија, која не е разрешена ни по шест века: дали благородничката Маргарита де Каруж била силувана од штитоносецот Жак Ле Гри? Во средниот век единствен доказ за вистината во отсуство на сведоци била победа во вооружен дуел, на живот или смрт. 

„Вистинското место“ (2017)

Во маалско бистро секој ден и по цел ден седи човек со црн тефтер на масата. Кај него доаѓаат луѓе кои имаат некаква голема желба. Тој ги сослушува и им кажува кој е условот таа да им се исполни. До каде се подготвени да одат пореметувајќи ја рамнотежата во космосот?

„Белиот меч“ (документарен, 2012)

Филм за човек кој поради генетско нарушување го загубил видот, но не се откажал од тоа да работи на својата самодоверба и вештини. Со помош на посветени учители, почнал да тренира аикидо, а сега самиот подучува други слепи лица како да се одбранат доколку бидат физички нападнати. 

„Вени на светот“ (2020)

Колку често имаме прилика да видиме монголски филм, да го слушнеме јазикот и да го впиеме широкиот пејзаж во којшто живеат номадските народи во оваа земја? Во јуртите е топло и безбедно, но среде непрегледните пасишта се појавуваат странски компании и диви копачи на злато кои се закануваат да го уништат традиционалниот начин на живот, и животот воопшто.

„Малку веројатниот убиец“ (мини серија, 2021)

Оние повозрасните се сеќаваат на атентатот врз шведскиот премиер од 1986. Сепак, секој од нив запамтил нешто поинакво за тоа кој е убиецот - ништо чудно со оглед на бројот на теории, секоја со доза на веројатност. Но помеѓу сите сомнежи за вмешаност на ЦИА, југословенското разузнавање, Курдите и јужноафриканските поддржувачи на апартхејдот, имало еден човек кој изгледа е најверојатниот, а малку веројатен убиец.

„Незаборавна пролет во заборавено село“ (2019)

Нова национална стриминг платформа ни овозможи да погледнеме филм кој сме го пропуштиле, а и реално не би имале многу можности да го видиме освен на телевизија. Комедија со атрактивен синопсис - што се случува кога во едно забаталено село ќе пристигнат три проститутки?

Солнченце захаја (документарен, 2020)

Како би се чувствувале ако некој ви каже дека „Ав, ав Шарко лае“ не е за куче? Или дека не постои воз за Кочани (кој носи деца помочани)? Излажани. Разочарани. Зачудени? Токму тој ефект го има овој филм за оние растени во поранешна Југославија со една словенечка, народна песна. 

„Цвеќиња на водата“ (документарен, 2021)

Нашата колективна меморија за трауматични настани, особено од поблиското минато, делува како онаа на златна рипка. После првичниот шок, сочувството, бранот обвинувања и френетичните коментари по социјалните мрежи, нештата спласнуваат. Луѓето погодени од природната катастрофа или последиците на човечката негрижа мораат сами да си го најдат патот. 

„Дина“ (2021)

По епскиот неуспех на Ходоровски, не многу фалената верзија на Дејвид Линч, еве една гледлива и визуелно богата верзија на научно-фантастичниот класик. Дали е воопшто можно да се очекува нешто повеќе?

Што (не) е во ред со „Сквид гејм“?

Насловот на серијата во превод би требало да гласи „Игра на лигњата“, но така тешко дека од прва би сфатиле за што станува збор. Ако веќе сте ја гледале, знаете дека тоа е име на последната и одлучувачка игра, која го одредува победникот на морничав натпревар на живот или смрт. Ако не сте ја гледале, статијата ќе содржи (малку) спојлери.

„Кодот од милијарда долари“: судењето за Google Earth

Минисерија на Нетфликс во четири епизоди ја раскажува вистинската приказна за двајца интернет визионери од Берлин, кои 11 години пред Гугл да излезе со она што денес го има на секој смарт телефон, апликацијата Google Earth, ги поставиле основите на алгоритамот. Едно од прашањата кои се наметнуваат е - како до сега никој немаше слушнато за ова? И уште колку вакви приказни постојат?

Букбокс гледаше: „CODA“ (2021)

Насловот на филмот e напишан на латиница бидејќи е акроним, и на англиски означува „дете на глув родител“ (Child of Deaf Adult). Во случајов последниот збор треба да е во множина, бидејќи тинејџерката Руби Роси е ќерка не на еден, туку на двајца глуви родители. А исто така глув е нејзиниот брат. Да се биде единствениот аудио канал на семејството со светот за неа не е лесно.

„Моќта на кучето“ (Power of the Dog, 2021)

Кога правевме преглед на најинтересното од овогодинешниот Венецијански фестивал, еден од филмовите беше најновиот на новозеланѓанката Џејн Кемпион. Најпрвин вестерн, тој споро но сигурно се претвора во нешто поинакво.

„Роко“ (документарец, 2016)

Дали може филм за порно ѕвезда да не биде самиот порно? Овој успева во тоа, иако вашето чувство за истото ќе зависи од тоа дали и какви филмови за возрасни сте гледале до сега. Од друга страна, кој гледа документарец за Нина Симон ако никогаш не слушнал ниедна нејзина песна?

„Почит“ - нов биографски филм за Арета Френклин

Сите биографски филмови за дивите на џезот - без оглед дали се документарни или играни - како да личат едни на други. Талент од детство, предизвици да се најде вистинскиот менаџер, семејни конфликти, алкохол, дроги. Сето тоа прошарано со добра музика. И овој филм го следи истиот терк, едноставно затоа што тоа била судбината на овие црни жени. Неговата силна страна е во главната улога.

„Кликбејт“ (мини-серија, 2021)

За оваа серија толку многу се зборуваше што нејзиниот наслов се покажува како „самоостварувачко пророштво“: таа е „јадица“ на која човек лесно се фаќа, иако мамката на крај се покажува како не многу месесто црвче.