Томас и Доминик Брдси во „За едно сум сигурен“ (I Know This Much is True) се браќа-близнаци, родени во растојание од неколку минути на 31 декември односно на 1 јануари, едниот во старата, другиот во новата година. Овој замислен хронолошки јаз во текот на нивните животи се продлабочува, со оглед на трауматичните тајни на семејството, меѓу кои врвната e - кој е всушност нивниот татко.
Насилниот очув е таков особено кон „помекиот“ Томас, чиј сензитивен карактер всушност сигнализира подоцнежна психијатриска дијагноза која доведува до негово самоповредување. Токму со еден таков драстичен инцидент и почнува мини-серијата во шест продолженија. Томас во градската библиотека во Три Риверс, Конектикат, како форма на саможртва, си ја отсекува дланката и одбива да му биде повторно зашиена. Паниката која се создава го прави мета на медиумско внимание, но му ја одзема и онаа минимална автономија која до тогаш ја има, водејќи свој штанд за лимонада и кафе во гратчето. Властите го затвораат во асли затвор, каде нешто што изгледа како негова параноја само се зголемува. Всушност, неговите приказни за малтретирањето од страна на затворениците (во неговата свест поврзани со ЦИА, ФБИ и други „контролори“) всушност имаат основа. Единствен којшто му верува е братот, крајно пожртвуван, и самиот на работ на здравиот разум, со оглед на бремето кое го носи и претходната трагична загуба на малата ќерка.
Но прелевањето на судбините на двајцата браќа во серијата е дополнително засилено со еден неверојатен факт - тоа што обајцата ги игра ист актер, Марк Рафало, кому ова му е барем до сега животна улога. Методологијата на снимање била следна: сите сцени со Доминик и деловите во кои во ист кадар се и тој и Томас се снимени во тек на околу 4 месеци. Во следните пет недели Рафало целосно се избричил и се здебелил oколку 15 килограми за да го игра Томас. Потоа се снимени спротивните страни на секоја заедничка сцена и оние во кои се појавува само Томас.
Здебелувањето не е направено само за физички да се распознаваат двата лика, туку тоа е и логична последица на фактот што Томас е на голем број лекарства, антипсихотици кои резултираат со зголемена тежина. За да ја долови душевната состојба на некој дијагностициран со шизофренија, Рафало минал време во психијатриски институции, набљудувајќи што се случува таму и како се однесуваат пациенти со слични симптоми.
Но во сцените со двајцата браќа всушност има и трет актер - друг Томас и друг Доминик. Тоа е актерот Гејб Фацио кој го играл првиот кога Рафало бил Доминик, и обратно. Иако никогаш не го гледаме бидејќи неговиот лик потоа дигитално е изземен, тој бил клучен за остварување на идејата, која функционира беспрекорно.
И помалите улоги во филмот - поранешната сопруга на Доминик, социјалната работничка која се грижи за Томас, мајката и дедото од Сицилија кои се појавуваат во ретроспективните делови - се баш погодени и убедливи. Да се гледа гневот, растројството, очајот, често пати во ептен крупен кадар, не е лесно. Но зракот оптимизам со кој зрачи и самиот наслов, дека сепак постои нешто сигурно и стабилно во свет во кој се распаѓаат сите вредности врз грбот на само еден човек, прави таа да е некој вид иницијација, од тескобност, во повишена чувственост и свест, за судбини кои можат да бидат и наши.
Илина, Букбокс