Во правната терминологија на француски "un huis-clos" (уи кло) означува доверлива дискусија зад затворени врати. Во секојдневниот говор тој се користи и во поширока смисла, за некаква клаустрофобична конфронтација помеѓу неколкумина на мал и затворен простор. Терминот е наслов на драма на егзистенцијалистот Жан-Пол Сартр од 1944, на англиски преведен како „Без излез“, во која тројца во задгробниот живот се казнети со тоа што вечно се во иста просторија. Таа е извор на славната изрека на овој филозоф, „Пекол, тоа се другите“.
Во филмската историја има бројни примери на ваквиот камерен принцип („12 гневни мажи“ во неколку верзии, „Испит“ од 2009, „Коцка“ од 1997, „Собата на Ферма“ од 2007 итн.). Некако е логично што повеќето од нив се од жанрот хорор или барем напнат трилер.
По успехот на „Совршени странци“ (за којшто пишувавме тука), кој може да се подведе под истиот камерен жанр, Паоло Џеновезе направи нов филм, во ова сличен на претходниот. „Вистинското место“ (The Place) е име на мал ресторан, со едвардхоперовска атмосфера и еден гостин кој постојано седи на истата маса. 10 различни ликови влегуваат и излегуваат, секој ден, и се среќаваат да зборуваат со него. Иако изгледа сосема обично, тој има моќ да им ги исполнува желбите. Пред него стои „арабаџиски“ тефтер во кој ги запишува нивните приказни но и ја наоѓа задачата која тие треба да ја исполнат доколку сакаат желбата да им се исполни.
Всушност освен ова, во филмот не се случува буквално ништо друго. Па сепак, тој го држи вниманието поради една причина - што сме љубопитни до каде можат да одат луѓето за да го добијат она што го сакаат.
Жртвите понекогаш се прават во име на блиски и оттаму се некако разбирливи. Но често она што треба да се изврши е несразмерно поопасно и поштетно од она што притоа може да се добие. Дали вреди да се поремети рамнотежата во универзумот за девојка, која е млада и убава, да биде уште поубава? Дали е „оправдан“ терористички напад во кој ќе настрадаат десетина луѓе за да се поврати меморијата на само еден стар човек кој страда од Алцхајмер? Како во мисловниот експеримент со тролејбусот, и тука секој од учесниците во животниот сообраќај треба да ја одбере својата лента и да одлучи помеѓу опциите кои имаат и последици кои не можат секогаш да се предвидат. Една интервенција во поредокот на нештата повлекува промена која изместува трет елемент, кој влијае врз четврт. Така, се случува приказните да се поврзат меѓусебно и во таа меѓузависност една желба да излезе неостварлива доколку се оствари другата. Не можат сите да бидат задоволни, цело време. А тоа е така дури и кога ќе го добијат она што првично го сакале, ама затоа изгубиле нешто друго.
Неименуваниот менувач на судбината и самиот е гостин во ресторанот и нема контрола врз севкупноста на ситуацијата. Тој е само посредник помеѓу луѓето и некои повисоки и поинакви сили. Делува интелигентно, на моменти дури и емпатично, но не и злобно. „Зошто ги тераш луѓето да правиш лоши работи?“, му вели во напад на гнев еден од клиентите. „Лошото постои само додека има кој да го изврши“, вели тој, секогаш потсетувајќи ги своите соговорници дека можат и да се откажат или да се обидат да најдат и друг начин за задоволување на своите желби. Од нив не бара ништо за возврат, не ги уценува, не им се меша во одлуките. Но оваа неутралност на моменти делува морничаво, како тие да зборуваат со некаква вештачка интелигенција која им нуди опција да кликнат „I agree" без притоа да ги суди.
Идејата на филмот е одлична, актерите се добро одбрани и во камерните околности го пружаат максимумот. Сепак како да има некоја мелодраматична нишка која пречи - било доволно на моменти да се смени филмскиот „клуч“ за да се внесе малку неочекуваност и морничавост. Ова е еден од оние филмови за кои си велите - еее, да му го дале на ____________ (и тука да го ставите името на вашиот омилен режисер).
Филмот е достапен на новата платформа gley.mk, со македонски и албански превод.
Илина, Букбокс