„Пријатели се собираат на вечера и потоа се случуваат чудни нешта“ - ова може да биде кратка содржина на најмалку три филма за кои сме пишувале („Масакр“, „Името“ и „Мојата вечера со Андре“), и уште куп што сме ги гледале. Ваквиот драматуршки контекст е многу ризичен, бидејќи се потпира речиси исклучиво на сценариото и на глумата, но ако коцките се склопат, тогаш дава нешто што личи на напната театарска претстава која како да ви се одвива во дневна соба.
Таков е и „Совршени странци“ (Perfetti sconosciuti) на Паоло Џеновезе, кој би можел многу да наликува на сè што до сега сме виделе на тема „луѓе што дрндаат за смислата на животот собрани на астал“, да не е еден детал - мобилните телефони на присутните. Ева (психијатар) и Роко (пластичен хирург) во нивниот убав стан со телескоп поставен на терасата за да можат да го гледаат замрачувањето на месечината, канат пријатели на вечера. Тие очигледно се знаат одамна, особено машките, кои се дружат од деца. Вкупно се седуммина, три пара и еден „самец“, кој вели дека неговата партнерка не дошла затоа што не се чувствувала добро.
Уште се кај виното и предјадењето кога се спомнува случај на нивен заеднички пријател, кој се развел заради тоа што жена му му нашла порака од љубовницата, девојка од „скоро“ 22 години. Се отвара темата на приватноста и нејзината врска со технологијата - дали човек треба да копа по мобилниот на блиските, дали тие пак ако шараат треба барем да си ги бришат пораките, што ли сè би можело да се открие доколку некој го стави на увид сопствениот мобилен?
Домаќинката-психијатар тогаш предложува навидум интересна, но крајно ризична игра: секој да го стави мобилниот на маса, и ако тој му ѕвони или му пристигне каква и да е порака, да го сподели тоа со останатите.
Кај некои од присутните веднаш се забележува извесна нелагодност, повеќе на ниво на говор на тело отколку вербализирана, но плашејќи се дека одбивањето ќе биде сигнал дека нешто кријат, го прифаќаат предизвикот. Некои од нив точно знаат дека може да дојде до несакани ситуации, па преземаат и превентивни мерки. „Мојата ’пријателка’ секоја вечер, точно во 22, ми праќа по една слика за добра ноќ“, му вели во доверба еден од гостите на својот пријател кој е дојден без придружничката, молејќи го да ги заменат телефоните бидејќи им се иста марка. Но наместо ова да ги олесни работите, само дополнително ги усложнува. Без да откриваме премногу, на крајот излегува дека сите присутни имаат премолчени стравови, желби и тајни, кои разоткриени имаат огромен, понекогаш катарзичен ефект врз нивниот однос со партнерите, присутните, но и во односот кон самите себе. И сето тоа само затоа што во еден момент ја откриле содржината на нивните мобилни телефони.
„Општествената онтологија се потпира врз системот на пишување, кој без проблем може да постои и без мобилниот телефон, но мобилниот е негов апсолутен амблем, затоа што овозможува, или ветува, спојување на сите системи на усмена и писмена комуникација, и пристап на сите медиуми за регистрирање (слики, музика), проверка на тековната сметка, плаќање на карта за метро или опера, и ако некој тоа го сака, симнување на оваа книга од интернет и нејзино читање во воз. И сето тоа додека, можеби, СМС-от ви соопштува дека премиерот поднел оставка, дека се изменила каматата, дека победил Јувентус, дека сме ја напуштиле Италија и дека телефонскиот сообраќај го презема Франс Телеком или дури (што никому не му го посакувам, но и тоа се случува), дека ’меѓу нас е готово’“.
Ова е извадок од „Каде си?: онтологија на мобилниот телефон“ на Маурицио Ферарис (случајно исто така Италијанец?), излезена далечната 2005, кога мобилниот се уште не беше продолжување на нашата личност во онаа мерка во којашто стана во меѓувреме. Или попрецизно - не продолжување, ами мултиплицирање на нашите јаства, приватни и јавни, скришни и не-толку-скришни (никогаш до крај отворени), кои не само што, како што вели Ферарис, ја трансформираа нашата присутност (на фиксен се знаеше каде си кога ќе ти ѕвонат, сега сите прашуваат „каде си?“), туку и начинот на којшто ја конструираме општествената стварност. А таа подразбира дека на гостинската маса не седат само седум души, туку уште најмалку толку луѓе, или аспекти на тие луѓе, за кои некогаш е подобро и да не знаеме. Сè додека виртуелната не се прелее во физичката стварност, и не покаже дека некој, на општо изненадување, е труден, неверен или геј.