Насловот на филмот го најавува точно она што и се случува во него - драматург по име Валас Шон оди на вечера со некогаш славен режисер, Андре Грегори, кого го нема видено со години, а за кого чул дека малку одлепил. Тоа се всушност вистинските имиња на сценаристите на филмот, кои истовремено ги играат и овие две улоги. Иако делува дека муабетот е импровизиран, тој e всушност резултат на тримесечно повремено снимање на нивните разговори, кои потоа со едногодишна работа биле преточени во асли сценарио. Исто така, целиот филм изгледа како да е снимен одеднаш, затоа што разговорот тече мазно и без прекини. Всушност Луј Мал го снимал со недели, а локацијата не е познатиот њујоршки ресторан Cafe des Artistes, туку студио направено во тогаш напуштен хотел, чија сценографија само потсетува на спомнатото култно собиралиште на њујоршките уметници.
А за што тоа разговараат Волис и Андре? Барем до средината на филмот многу повеќе зборува вториов, раскажувајќи му на пријателот низ што сè поминал во последните неколку години, живеејќи со анархистички и „њу ејџ" заедници, правејќи перформанси во стилот (и под реално менторство) на Гротовски, полскиот авангарден режисер со огромно влијание врз театарската естетика на 20 век, кого го сретнал некаде по пат. Меѓу другото го поставил „Малиот принц" среде Сахара, а при еден настан на Ноќта на вештерките самиот на кратко бил жив закопан.
Сепак, и покрај сјајот во очите додека ги раскажува овие случки, станува јасно дека тој во еден момент почнал да се прашува што е смислата на ваквиот живот, и како сето ова се одразува врз неговото семејство. Така, некои од описите, кои треба да делуваат кул, всушност звучат иронично - во некоја земјоделска комуна во Британија кадешто престојувал Андре, наместо да користат инсектициди „зборувале со инсектите, за да постигнат договор, бубачките да го јадат само оној дел од зеленчукот кој им е доделен, а да го поштедат останатото".
Карактерот на Волис е чиста спротивност на авантуристички настроениот соговорник. Неговите амбиции се крајно скромни - да има пари да преживее од први до први, да си седи дома со жената и да се покрива со електрично ќебе додека ја чита биографијата на Чарлтон Хестон. Во некаква бинарна поделба на улогите, тој е оној кој го критикува лежерниот и неодговорен животен стил на таквите како Андре, и ги исмева обидите на овој да толкува некои случајни настани како лични судбински знаци. Па сепак јазот помеѓу приземниот хуманизам на Волис и екстравагантната „духовност" на Андре при крајот на филмот некако се смалува, за на крај да стане јасно дека она што ги спојува овие двајца, без оглед на разликите во нивното животно искуство и карактер, е отуѓеноста од современото општество и некаква базична осаменост, по која и се препознаваат и заради која се солидаризираат.
Филмот е наградуван со бројни признанија - инаку строгиот Роџер Еберт му има доделено пет ѕвездички, а неговите фалби го одржале опскурниот филм во кино-салите цела година. А про по коинциденциите кои Андре ги бара расфрлани насекаде, за да му го покажат уметничкиот пат, следниот ден откако го гледав филмов го пуштив исто така убавиот „Јас, Ерл и девојката што умира". Речиси на самиот почеток на филмот - оп! - пародизирана референца на „Мојата вечера со Андре". Е ај сеа...
Еден од одличните монолози во филмот кои како да се напишани денес, а не во 1981. Некој во коментарите под линкот на Јутјуб напишал: „Никогаш не сум се забавувал подобро".