Првата реченица од „Доверливо од кујната: авантури низ мрачните страни на кулинарството“ од Ентони Бордејн (осврт види тука) гласи: „Немојте погрешно да ме сфатите, јас ја сакам ресторанската работа“. Сето она што следи прави да се посомневаме во таа љубов, или барем да ја категоризираме во оние опсесивните и опасните по живот. Тензична атмосфера која повеќе личи на некакво криминално подземје, луѓе кои за да работат по седумнаесет часа постојано се на „нешто“, секој втор збор им е пцовка, а вештината за маневрирање им е подеднакво потребна и за протнување низ сите тие казани со врела чорба, тави од кои избива пламен и колеги со иссукани кујнски ножеви, како и за меѓучовечките односи со нив. Според Бордејн потребни се три нешта за да преживеете во овој (буквален) синџир на исхрана: челични нерви, работна етика и (во САД) знаење шпански.
„Точка на вриење“, британски филм на Филип Барантини, е приказна за еден шеф кого во моментот животот го „пржи“ на најјако. Тазе разведен, тој е ненаспан, дезориентиран, должен тешки пари и на работ на нервен слом. Филмот - снимен во еден кадар, во четири обиди - прикажува само една вечер од неговата работа, но можеме да претпоставиме дека и повеќето делуваат така, хаотично и крајно напнато. Секој од неговиот тим има своја приказна, која ја дознаваме не (толку) низ дијалог, туку повеќе низ суптилни назнаки. Најмладото момче-чирак има исеченици по рацете кои ги крие со спуштени ракави од престилката. Една од келнерките доцни затоа што била на аудиција за мала улога. Су-шефот е разумна и крајно пожртвувана жена, која сепак има граници на издржливост. Французинка во екипата се жали дека сите премногу брзо зборуваат и дека не е навикната да работи во такви услови.
Вечерта е од оние „кога врне истура“ - почнува со посета на санитарен инспектор кој пронаоѓа куп неправилности, продолжува со доцна најавена посета на познат ТВ водител на кулинарско шоу, кој на врв на сè со себе носи и позната кулинарска критичарка. Кога ќе слушнеме дека информација за алергија на јатки на една гостинка не е внесена во системот, веќе насетуваме што ќе следи. Од минута во минута нештата се комплицираат и само е прашање на време кога ќе имплодираат. Ова особено се чувствува кај главниот лик, одличниот Стивен Греам (којшто исто така имаше забележителна улога како затворскиот чувар во серијата „Тајм“). Преку него го сфаќаме советот на Бордејн за оние коишто се занесуваат да отворат ресторан или да станат готвачи затоа што „ја сакаат храната“. Во овој занает е потребно многу повеќе од тоа.
Илина, Букбокс