Легендата вели дека Гучи се потомци на самарџии-благородници кои работеле на дворовите на средовековните владетели. Всушност, основачот на компанијата, Гучио, ја започнал својата кариера како портир во хотелот Савој во Лондон, пред да отвори мал дуќан во родната Фиренца. Во него продавал луксузни чанти и патнички торби, наводно напревени од кожа на крави „третирани како аристократија“.
Новиот филм на Ридли Скот се фокусира на двете генерации потомци на стариот Гучио Гучи - неговите синови Алдо (Ал Пачино) и Родолфо (Џереми Ајронс), и нивните потомци Паоло (Џаред Лето) и Мауруцио (Адам Драјвер). Низ нарација која покрива речиси две децении, ги следиме нивните внатрешни односи, комплицирани од шареноликоста на нивните табиети, но и спротивставените бизнис ставови.
Нештата се комплицираат кога во приказната влегува Патриција Реџијани (Лејди Гага), млада, атрактивна и „пробивна“ девојка која во светот на бизнисот и модата е никој и ништо. Нејзиниот татко, како што вели таа, води „компанија за копнен превоз“, односно мала камионџиска фирма кадешто таа работи како сметководителка.
На забава на која упаѓа непокането, Патриција се запознава со срамежливиот Маурицио, студент по право и наследник на 50% на модната куќа Гучи. Иако таткото Родолфо се противи, тие се земаат, а на Маурицио не му пречи дури ни да помине неколку години миејќи камиони. Во еден момент на помош доаѓа чичкото Алдо, кој си има свои маки со сопствениот син-антиталент, на некој начин посинувајќи го Маурицио, по што тој и Патриција полека се наметнуваат како јаки играчи.
Сепак, поради неправилност утврдена при наследната постапка по смртта на татка си, Маурицио мора да избега во Швајцарија, каде после многу години се среќава со старата пријателка Паола Франки. Ова е вовед во разделбата со Патриција, која најблаго кажано ова не го поднесува баш добро. Со помош на својата гатачка (Селма Хаек), таа организира убиство на Маурицио. На 27 март 1995, тој е застрелан од најмен убиец на скалите пред својата канцеларија. Таа и соучесниците се осудени, а по одлежани 18 години (од вкупно 29) ослободена е во октомври 2016.
По излегувањето на филмот, семејството Гучи, кое одамна нема никаква врска со фирмата, издаде соопштение во кое вели дека и покрај тврдењето дека тој ја раскажува „вистинската приказна“, таа е далеку од коректна, а тие и нивните предци се портретирани како хулигани, незнајковци и како бесчувствителни за светот околу нив. Но нивните критики пред се треба да се однесуваат на книгата врз основа на која е направено сценариото од 2000-та на Сара Геј Форден, која е немилосрдна уште во насловот: „Куќата на Гучи: сензационална сторија за убиство, лудило, гламур и алчност“.
И навистина, помеѓу филмот и она што го запамтила историјата има извесни разлики. Вистинскиот Гучио Гучи всушност имал четири сина (Васко, Родолфо, Алдо и Уго), од кои последниот бил посвоен од претходниот брак на сопругата. По смртта на Гучио наследството го поделиле биолошките синови. Но Васко не само што не се спомнува во филмот туку за него речиси и да нема никаква информација онлајн, освен дека во одреден момент се преселил во САД, веројатно поврзано со ширењето на компанијата на новиот континент.
Гучио умрел во 1953, само 15 дена по отворањето на првата бренд-продавница во Њујорк. Во следните години неговите деца го прошириле семејниот бизнис и привлекле имиња од калибарот на Елизабет Тејлор и Џеки Кенеди. Всушност, кога семејството пристигнало во САД тоа било пречекано од самиот претседател на САД, Кенеди, кој го прогласил Алдо за „првиот италијански амбасадор на модата“.
Но како што обично бива во богатите семејства, амбициите и ставовите на Гучи-евци полека се разминуваат, некои од нив лежат и во затвор за одбегнување данок, а целата приказна веројатно најдобро ја сумира уште еден неспомнат лик во филмот - вториот син на Алдо, Роберто, кој во еден момент ги продал акциите и се повлекол. „Гучи беше моќно семејство. Барам прошка за сите нивни грешки. Кој не прави грешки?“
И покрај ѕвездениот кастинг, сепак она што најмногу се памти, освен непрепознатливиот Џаред Лето, кога ќе сфатите дека е тој, е улогата на Лејди Гага, која тотално одговара на прекарот на вистинската Патриција - „Џоан Колинс од Монте Наполеоне“ (име на луксузна шопинг улица во Милано). Таква мала, набиена, лута и со карактеристична фризура за 80-тите, таа прави Селма Хаек покрај неа да делува како избрана на аудиција од рецитаторска секција. И како некоја која би можела, како вистинската Патриција, да одбие да биде ослободена порано, доколку работи нешто општествено корисно. „Не работев до сега, и немам намера да почнам“, изјавила таа, останувајќи си во затвор уште некоја година.
Илина, Букбокс